Никој не е виновен, најмалку власта, што граѓаните не можат да си купат скап леб. Нормално, ги мрзи и да месат, затоа што евтиниот леб кој не можат да го платат, стана луксузен производ.
Кој е виновен што граѓаните немаат пари и малку заработуваат? Најмалку политичарите на власт. Зошто немаат пари, дали се запрашале граѓаните? Затоа што се мрзливи, неспособни да заработат за леб, едноставно е. Точно вака се однесува власта кон граѓаните на оваа земја.
За жал, граѓаните не можат да си купат ниту лекови тука, ниту во странство. Позитивната листа не била сменета 15 години? Тоа е измислица на болните. Немаат основни лекови болните луѓе во оваа земја? Ве молам, не ги слушајте фантазиите на болните кои бараат луксуз за себе- од власта. Точно вака се однесува власта кон граѓаните на оваа земја.
Немаат пари граѓаните за да си ги платат сметките за струја, вода, греење? Нека не се греат, нека не пијат вода, нека живеат во мрак. Овој луксуз кој го бараат граѓаните е последната капка во чашата на власта.
Точно вака се однесува власта кон граѓаните на оваа земја. Вака и никако поинаку.