Платформата на невладини организации за борба против корупција побара од Владата да не ги бира функционерите според партиските квалификации, туку според огласи, конкурси, натпревари во кои ќе победат најдобрите, најквалификуваните, најобразованите, најискусните.
На оваа Платформа треба да ѝ се додели медал, но исклучиво за наивност и фантазерство дека навистина некој во Владата го прочитал нивното барање- да се освести Владата, веднаш, затоа што и вчера беше предоцна.
Оваа Платформа не само што живее во некој друг свет и очекува да се прочита нивното важно соопштение, туку и загрижено еднакво инсистира и да почне некој да ги слуша и да ги применува нивните барања.
Со оглед на тоа што се работи за емотивни човечки суштества во невладините организации, премиерот Ковачевски сепак не ги навреди, што за него е еден огромен чекор, гигантски. Тоа така изгледа, ако се земат предвид неговите изливи на бес и арсеналот со кој располага доколку не се согласувате со него, но и го критикувате без да се извините претходно и да паднете на колена однапред, за да му помогнете некако да се справи со стрес менаџментот.
Огромен чекор за него, а историски за демократијата, која спадна на хистерични медиуми, според навредените господа вице-премиер и премиер. Последниот, Ковачевски, затоа што новинарите објавувале криминали поврзани со владините договори за коридорите. Првиот, Артан Груби затоа што со мала фудбалска журка во сопствениот кабинет, пресреќен ја слави моќта со која Ахмети го крунисал, како навистина да е тоа некое достигнување од револуционерни размери. Вистината е со тажен крај- од нула размери е да се има функција- нека се сети само како се полнеле и празнеле и полнеле и станувале пустош кабинетите и во оваа држава и во сите на светот, низ историјата, низ вековите.
Можеби е подобро да се загрижат за печатот и трагата во државата, во општеството, во историјата- со што ќе бидат запаметени. Можеби со нешто навистина важно, големо, значајно, величенствено? Никој во тоа не се сомнева. Однапред да се извиниме, ако смеењето изгледа по малку и хистерично.