25 минути

Логиката е во гаќите

Кампањата на Артан Груби- „Тој доаѓа“- е најзначајниот историски настан во оваа држава од античкото доба. Груби вели дека идејата е да се најави доаѓањето на премиер Албанец, според Пржинскиот договор- три месеци пред изборите. Редовните избори се за една година. Каква е тогаш логиката да се рекламира албански премиер сега? Бидете интелигентни малку, видете ја пошироката слика, отворете ги видиците. Логиката е во гаќите, пријатели.

Ако на Албанците им е важно да имаат премиер од нивната етничка припадност, тоа секако дека треба да им биде важно и на Македонците. Еднакво како и внесувањето на Албанците и сите етнички групи во Уставот, користењето на нивниот мајчин јазик- никој тоа не им го дал, ниту подарил. Сите се раѓаме со еднакви права и слободи, и подготвени сме да умреме борејќи се за нив низ животот, ако ни се одземени, забранети. Во тој контекст, радоста на Груби, Ахмети, на сите Албанци каде и да живеат- за премиер од нивните редови – е важна и треба да се слави како величенствена, од сите нас, без исклучок. Важноста од квалификуван, способен, искусен, честит премиер не се врзува со етничката припадност. Ковачевски е Македонец, еднакво како што беше и Груевски, како што беа и Заев, Бучковски, Црвенковски. Гаќите се секогаш тенката нишка која ги поврзува политичарите со сомнежи, истраги, и судење за корупција, за да се стигне до докажување на вината.

Но, како да стигнеме до гаќите, додека трае општонародното славење за премиер- Албанец? Едноставно- фокусирајте се на надзорот на корпорацијата „Бехтел и Енка“ за изградба на коридорите 8 и 10-д.

Една од фирмите  за надзор- „Електра солушнс“ за главна дејност имала производство на долна облека, потоа давала услуги за информатичка технологија, за потоа да влезе во градежништвото. Оваа фирма поднела барање за лиценца 12 дена откако тендерот веќе бил распишан, а позитивниот одговор го добиле за пет работни  дена. (извор: Порталот 360 степени).

Тоа е логиката на почетокот на овој текст- наместо да говориме за гаќите, јавноста деноноќно длабински анализира дали е подобро да имаме премиер Албанец или Македонец . Националистите се жестат, либералите слават, додека гаќите се веат низ знамињата на политичката корупција. Нивната боја никогаш нема да може да биде бела, затоа што белото знаме секогаш асоцира на предавство. А корупцијата никогаш не се предава во оваа земја. Псе јо?