Кои сме ние навистина? Со одлука на јавното претпријатие „Македонски железници“, возот од Скопје до Велес и обратно, отсега ќе вози со брзина од 20 км на час. Да, тоа сме вистинските ние.
Застанати во добата на коњските запрежни коли кои се влечат низ распаднатите улици додека не пцовисаат, но никој за тоа не се грижи пријатели, секогаш можат да се најдат нови коњи и да се доуништат старите улици, кои се повеќе личат на друмски прашливи сокаци.
Ние сме замрзнати и балсамирани во средновековието, немаме поим што се случува во останатиот свет, оној околу нас.
Заостанати, изгубени во времето и просторот.
Безгрижни остануваме и покрај тоа што втора година по ред сме прогласени за најнесреќната нација во регионот, кому му е воопшто грижа за тоа, важно сме закитени со некаква титула, честа е голема, честа е попат изгубена.
Најголемата амбиција на нашите политичари се уставните промени за Бугарите во државава, дали следен премиер ќе биде Албанец, дали Америка ќе даде доволно донации за болниците и школите, за да се потрошат парите на граѓаните од буџетот домаќински и одговорно. Во нови функционерски автомобили, нови набавки за позлатен сервис, нови фантомски хонорарци во државните институции.
Отиде возот. Одете пешки, ако не ви се допаѓа брзината на возот. Може е најдобро да седите дома. И онака надвор е пусто и празно, вкочането, додека не проструи некој функционерски автомобил, додека сите не чекаат да замине. Нема да видите никој да мавта за да го земат со него политичарите, за да му покажат како навистина изгледа нивниот свет и живот. Никого не го интересира.
Отупени, неволни, празни- луѓето во оваа земја чекаат други возови, за други земји, за други светови. Овој тука- тој одамна отиде и никој не сака ниту да се врати, ниту пак го чека.