25 минути

Е, мој друже функционерски

Додека ги читате овие редови, засрамете се. Двете раце не ви се подарени на овој свет само за да висат, безработни, без некаква вистинска смисла дадени. Или да лежите бескорисно, како покосени дрвени Марии, да не сте свесни со која цел сте дошле на овој свет. Не ги засмејувајте функционерите, не ги лутете, не ги збеснувајте. Има зошто сте тука, во ова време и простор, баш токму да го делите ова парче земја и небо, со Нивните Екселенции.

Вие додека сега читате, функционерите во оваа земја очекуваат рацете во вистинската насока да ги користите, нешто навистина да почнете да работите, да се стопите во овој мравјалник од луѓе раздвижени низ целата оваа земја.

Од вас се очекуваат ударнички денови и ноќи, вие морате да се освестите дека заработувате за нив, да работите деноноќно, веќе малку се две смени, дури и третата не е од никаква корист, треба повеќе, многу подобро, сериозно да се засучат ракавите. Ако сакате да живеат како богови, ако сакате да се смилуваат вие да можете да преживеете.

А како мислите да ги издржувате сите оние политичари кои со одлука на Уставниот суд ќе земаат којзнае колку поголеми плати од вас? Министерот за надворешни работи Бујар Османи вели дека и тоа е борба против корупцијата. Ако е тоа така, тогаш нема никаков проблем, се што треба, ако треба- тука сме, луѓе сме.. Тогаш да ви ги префрламе секој месец нашите плати на вашите сметки, нашите куќи и станови да ги запишеме на вашите имотни листови, нашата облека облечете ја, затрупајте се, накитете се, нека ви никнат уште два милиони раце и нозе, за да има каде да се распореди се што ќе се зграби, о знаете што? Никогаш не е доволно, никогаш не е доста.

Сега сите се колнат дека пресметките не биле добри, господо драга, ќе се зголемеле платите само 17% или можеби 18%, ситница мала.

Но, според синдикалниот лидер на УПОЗ, Трпе Дејаноски, се работи за 78% поголема плата. Такво зголемување може да си дозволи  само Ким Јонг- Ун Сунг, попознат како Драгиот Лидер, Почитуваниот Камарад, Најсаканиот Татко, Брилијантниот Другар, Единствениот и Уникатен Наследник и Лидер на револуцијата, Неговата Екселенција, Симболот на моќта на нашата земја.

Не се вознемирувајте, политичарите не се единствените миленици на ѕвездениот Млечен и Меден пат, сега дури и на судиите ќе им се зголемуваат платите. Затоа што:

„Власт е власт,

Чест е чест.

И јас сето тоа го почитувам.

Тука се параграфи, па заграби,

Нека биде исто и на ѓаволот и ѓаконот.

И се е по закон.

Тука се параграфи, па заграби чесно.

И за вера и за невера.

Ред е ред.

Сето тоа јас го почитувам.

… И се претера…“

(Ѓорѓе Балашевиќ: „Не ломите ми багрење“)