Секој од нас може да ја почувствува радоста на Артан Груби да биде именуван за координатор на „Бехтел и Енка“. Се работи за проект од 2 милијарди евра. Станува збор за голема чест која сам на себе си ја доделил.
Говориме за првиот вице-премиер, функција која сам себе си ја доделил. Се работи за Министерството за политички систем, каде сам себе си се доделил да биде министер. Во него тој може да игра фудбал, кошарка, што ќе сака и посака, со останатите негови колеги, задоволство кое сам себе си го доделил.
Но, тогаш, доаѓа секогаш тој некој ден, кога тој ќе се осами. Сам ќе остане во кабинетот, помеѓу кошот и мрежата, онаму каде што се наоѓа фотелјата, тогаш ќе може да замолчи за момент, само тогаш, кога ќе остане сам.
Ќе нема ниту една од сите овие будалаштини со кои тој сега е опкружен. Радоста за сето она што тој го има не трае вечно, е, да. Не велам дека тескобата се јавува брзо, во ваквите случаи таа може само еднаш да удри, како да го жегнало нешто, како да го прободело. Тоа обично доаѓа кога ќе се присети дека сепак погледнал и во други лица, освен своето, во огледалото, или во оние на колегите министри, со кои сега тој се фрла врз кошевите.
Има и други лица, е, да. Тоа се оние кои му претрчале за миг, некој случаен минувач, некаква сенка од човек, кои сепак останале во некакво матно, бледо сеќавање. Бодежот на несреќата на другите сепак доаѓа во мислите. На Јана, девојчето кое почина и нема никаков одговор. На нејзините родители. На пеплосаните во Тетовската болница. И нивните родители. На загинатите во Бугарија, со Дурмо турс. И нивните родители. На загинатите во Ласкарци. И нивните родители. На починатиот Благојче Ивановски од цистична фиброза. На неговите родители. На луѓето кои на онкологија чекаат лекови. На луѓето кои во пекол живеат додека чекаат лекови за своите болести. На сиромашните, гладните. На понижените, обесправените. На оние кои не можат да бидат никогаш толку среќни, за да заиграат кошарка на своите работни места. На нив ќе мора еден ден да помисли.
Треба да се има трошка срам кога се критикуваат функционерите во оваа земја. Треба да ги има човек на располагање и останатите будалаштини.