Андреј И. е младо момче, нема ни 18 години. Кревок е тој, тивок, но се работи за голем борец. Еден од најголемите што сме ги имале.
Неговата дијагноза е цистична фиброза. За Андреј И. нема трикафта, лекот кој може да му го смени животот. Да се крене, да не поткашлува постојано, да не му паѓа сатурацијата, да престане да се плаши. Стравот е тука, во свеста, во потсвеста, во коските. Гледа како завршуваат сите околу него без лекови. Ветувањата на политичарите после смртта на Благојче Илиевски дека ќе се обезбедат лекови се само празни, срамни ветувања, тие веќе се заборавени.
Знаете Андреј како ќе ги помине велигденските празници? Ќе чека. Ќе ги чека политичарите да се вратат од нивните безгрижни патувања за време на овие празници.
Ќе чека Комисијата да се состане. И да дебатира. На кој начин да се донесат лековите. Дали директно да се преговара со компаниите. Кога да се започне со преговори. Што да се каже на тие разговори. Бесрамна приказна која нема крај.
Ќе чека некој од надлежните да се ужасне. Да помисли на неговото здравје, на неговиот живот, на сите оние кои страдаат без лекови. Можат ли политичарите да се ужаснат од самите себе? Тогаш кога им велат на болните дека нема пари. Никој не бара од нив да им биде жал, срам, да имаат совест, да имаат свест. Андреј И. Бара само да почнат да работат во интерес на граѓаните. Да им служат, затоа што за тоа се избрани и за тоа се платени.
Болните велат дека не се плашат од смртта. Се плашат од часовите, деновите- кои не се живот. Болните не ги замолуваат политичарите да им обезбедат лекови. Повеќе не сакаат да молат, да апелираат. Болните се лути, гневни, господа политичари.
Болните не можат да разберат како може да нема пари за лекови, за да можат да живеат. Не можат да разберат е можно да има пари за поголеми плати на функционерите, за нивните привилегии, за нивниот луксуз. Додека животот на останатите да биде третиран како луксуз. Секое станување наутро да биде луксуз, секое земање воздух, секогаш кога нема да поткашлаат, да се надеваат дека можеби е подобар овој минут. Една минута во животот. Помината во надеж.
Кога ќе ја видите надежта во очите на Андреј И., тогаш ќе сфатите- луксуз е што имаме вакви борци, привилегија е да се познаваат храбри млади луѓе.
Зошто сме сите ние тука, која е идејата зошто воопшто се раѓаме, зошто постоиме? Нема друг одговор, освен овој- само за да направиме нешто добро за оние на кои сме им најпотребни. За Андеј И. За кревките, млади, храбри луѓе. За борците сме тука, да се бориме заедно со нив. За да дишат, за да не се плашат, за да им започне животот.
Тоа е таа приказна господа политичари, приказна за вашите безгрижни велигденски празници.