25 минути

Гените на бебето-судија

Неверојатно е што се донесе писмото на американската амбасадорка Анџела Агелер до судските и владините органи, за загриженоста и разочараноста на САД и се разбира на самата амбасадорка, за поништени решенија против високи профили кои Апелација ги врати на првостепена постапка. Во писмото се спомнуваат напорите на САД и вложените пола милијарда долари за реформи во судството.

Донесе кревање на раменици од премиерот Ковачевски, кој говори за независност на судството од извршната власт. Затоа што, неговата логика вели дека судиите и обвинителите сами треба да се реформираат, да имаат свест и совест, чест и интегритет и тука никој не може да се меша, да влијае, да посредува. Во превод- може да се стави клуч на сите останати институции, надлежни за проверка судиите и обвинителите- на нивната финансиска состојба, на потеклото на имотот, но и за нивната ефикасност, квалификуваност, компетентност, кредибилност.

Логиката на Ковачевски вели дека прочистувањето на судиите доаѓа од невидливата рака на бог, се појавува одеднаш од небото некаква фантомска светлина која ја диригира божјата волја и им се имплантира на судиите во мозокот. Не зависи ништо од Ковачевски, најмалку од владините политики за реформи, туку од севишниот бог, од неговата милост да ги превоспита божјите судски чеда,  да им всади мудрост, скромност, чесност, чест, свест и совест.

Веројатно Ковачевски мисли дека демократиите на тој начин со векови созревале, дека американските претседатели низ историјата ги оставале боговите да решаваат за судбината на судството,  како единствени авторитети на политичките институции.

Ковачевски сигурно верува дека демократските процеси во Америка зависеле од гените на луѓето кои станувале судии- се раѓале како чесни, одговорни бебиња, предодредени да станат судии, согласно врвните медицински научни достигнувања на оваа земја. Оттука и интегритетот на судиите- тој бил последица на квалитетните семејни стебла, затоа е и вроден кај американските судии, квалитетната генетска структура сама се погрижила за нивната природна селекција.

Погледнете ја легендарната Рут Гинзбург- веројатно најголемата, најзначајната, највлијателната судијка во историјата, еднакво значаен борец за човекови права и родова еднаквост.

Не се сомневам дека Ковачевски верува дека доколку постои некаква можност Гинзбург да не е родена како икона, тогаш таа тоа станала благодарејќи на лабораториско вкрстување на гените, „значи тајната е во научните достигнувања“, крикнува со олеснување Ковачевски. „Среќата е во посветеноста на Бог да ги дарува американските чеда, за разлика од македонските, ех, судбина клета, нас историски да не мрази и да ни се одмаздува“, револтирано заклучува.

Писмото на Агелер може и така го гледа Ковачевски- низ призмата на гените на самата амбасадорка. Што си вели тој-„Лесно и е неа, таа имала среќа што се родила да биде борец за демократија на нашава земја“, а тој тука ништо не може, скршено си вели сам на себе. И си додава во мислите: „Веќе е доцна за нашата власт да ги менува сопствените гени, предоцна е особено за судиите, кои отпаднале и од дневниот ред на боговите, ни таму немале среќа да добијат статус на миленичиња. И бог кренал раце од нив. Само Америка има верба и надеж во нас, иако да не ги глорифицираме- до нивните гени е, имаат посовремени лаборатории, бебињата им се родени судии“, одеднаш живнува  тој и рипа од фотелјата, како досега не се сетил, дека  се не е изгубено. И со воздишка заклучува-„Во целата наша генетска несреќа- тоа ни е единствената среќа“.