„Ова е девојчето кое има прострелни рани во главата„- вака изгледа еден од насловите на македонските портали. Сликата на девојчето стои во текстот, како илустрација на насловот, сите да знаеме како навистина изгледа девојчето пред масакрот.
Но не и денеска. Сега веќе докторите се борат за нејзиниот живот, таа е сè уште во критична состојба, еднакво како и ужасот на нејзините родители. Македонскиот портал нема слика од оваа агонија. На девојчето, на нејзините родители, на сите нас, ова е заеднички пекол, кој се продлабочува и шири како огромен расцеп кој сите нас нè голтнува.
Никој од нас не го познава тоа девојче, но и да го знаеме, ништо од тоа не менува во реата на ваквиот македонски простор, кој одамна не може да се нарече новинарски. Затоа и таа слика која ја објавува овој портал ништо не значи, не може да има важност, ниту да допридоне за некаков интерес на јавноста, во контекст на транспарентно информирање, во име на базични демократски вредности и цели.
Единственото значење на оваа слика е загрижувачката состојба на огромен дел од македонските портали, во што навистина се претворија тие. Нивното стровалување во бездна со години, повеќе од една деценија.
Единствената нивна поврзаност со светот е мизеријата на српските таблоидни портали, жолтата мизерија со која го загадуваат и нивниот и нашиот простор. Со таа разлика што не можете да ги обвините за нашиот простор, за него заслугата на контаминација и ширење на отпадот и реата од канализацијата го имаат овдешните подземни ликови.
Славењето на злосторничките крвави походи низ воената историја на Србија, глорифицирањето на мафијашките разулавени ликови, чистокрвно подземје кое се слави исклучиво со песните на Цеца, славната оставштина на Аркан. Тоа е воениот и криминален менталитет кој не толчи со децении, со кој сите сме опкружени, зациментирани, балсамирани. На почетокот само бевме заглавени до гуша, но оттогаш поминаа многу години. Одамна сме преплавени, без воздух, цевчето со кое дишеме се заканува дека ќе иструли.
Затоа, оставете ги децата на мир. Не затоа што треба да имате милост, вие не знаете за тој збор. Законите мора да се менуваат, инаку се ќе отиде по ѓаволите. Исправка- отидено е одамна.