25 минути

Бесрамни жолти ленти за џезерите

Вработените во Филхармонија за време на концертите почнале да носат жолти ленти во знак на протест заради одлуката на Министерството за култура- Националниот џез оркестар да се смести во нивната зграда. Добро читате, пријатели, ѓаволски земјотреси се случуваат во светот на уметноста во оваа земја.

Овие жртви на националното истребување од џезерскиот окупатор, веројатно нема да застанат само со овој – за нив- херојски чин од револуционерни размери.

Кутрите тие страдалници, кои  имаат доволно безобразност и нималку срам да се поистоветуваат со жртвите од Холокаустот, веројатно планираат од време на време да коваат крстови во слободното време, за да се распнуваат по светските сцени за време на концертите. За светот да дознае за нивните неизлечиви трауми- присуство на џезерите во нивниот видеокруг, каква е таа античка трагедија со која тие се соочуваат.

Можете да се обложите дека нашиве Моцарти, Бетовени и Чајковисти, џезерите ги доживуваат како крстоносни непријатели, недостојна алтернатива на Цеца и Крлеуша, кои барем се доволно чесни да не се претставуваат повеќе од тоа што се- гној на општеството.

Нашиве музички чистунци се однесуваат кон џезерите како распаднат музички отпад, кој наместо во нивните свети гримиорни и сали, треба да заврши во гасните комори на провинцијалните биртии, онаму каде што навистина припаѓа, драги пријатели. Во последната типка на армониката, каде никој нема желба да ги слуша, ниту пак да ги отсвири, макар за фајронт.

Во тие задимени биртии по предградијата,  каде врвниот вкус се формира преку коцкастите чаршафи, онаму каде што се собираат перја на тони и тече крв на потоци, додека со липање од кое грми светот, се сечат вени на клeтетите маргиналци од типот на Тома Здравковиќ и Силвана Арменулиќ.

Велите сте заврзале жолти ленти? Вам дури ни наслов- “Срам на лудоста” не може да ви се посвети.