Главната вест во државава е дека постои извесен господин Абдул Селам-Селами, кој станал директор на Бирото за метрологија. Не би било тоа ништо чудно и спектакуларно, никаква вест, никаква драма од вообичаената.
Но, но. Нашиов драг господин Селам-Селами, најнормално и прилично чесно од негова страна- изјавил дека мислел дека метрологија е наука за времето- дека е исто што и метеорологија.
Пред да стане директор, тој живеел долго во заблуда. Скоро целиот свој бесмислен живот, полека, не се кревајте веднаш да ме напаѓате. Навистина е бесмислен, барем мојот живот- што не сум имала претстава за што служи тоа- метрологија, па уште и со нечија длабокоумна одлука- основано Биро, видете ги нив мајчините.
И, така започна оваа шармантна приказна. Сите се згрозени, шокирани, навредени. Зарем вакви луѓе да имаат чест да добиваат функции, а немаат претстава од големината на самата држава и нејзините институции.
Со една мала забелешка- кој воопшто имал појма дека постои Биро за метрологија, се до пред некој ден, кога се појави нашиов чесен господин и го призна тоа што од сите сега се скандализираат.
Никој не размислува малку подлабоко и позрело. Разумот никако да се вклучи во основните функции на мозокот. Зошто нашиов пречесен господин Селам-Селами би застанал тука? Зошто само би водел некакво Биро за метрологија, кое е измислено само за да паѓаме сите од смеење, за наши пари, на наш грб, на наша сметка.
Зошто да се предадени останатите институции на некои други луѓе? Мислите дека сите баш точно знаат за што служат сите тие регулаторни тела, комисии, агенции, надзорни, управни будалаштини? Дека знаеме и ние да ги изговориме, дека знаеме што навистина работат, кој таму воопшто е завален по фотелјите, кои се парите кои ни ги вадат директно од џеб за да ги преселат безгрижно во своите?
Знаеме секако дека тоа се луѓе за кои некој се сожалил, ги видел нивните ограничени способности, за кои, божеме прости, има посебни институции, но кој ќе се малтретира сега и со тоа.
А идејата за создавање на оваа држава беше благородна, а во што таа се претвори, е, да.
* * *
П.С За минатата колумна: „Бесрамни жолти ленти за џезерите“:
Еден од уметниците во Филхармонија пријателски ме советуваше да објаснам дека фразата „гној на општеството“ не се однесувала на уметниците во оваа институција, на неговите колеги. Бев зачудена, неверојатен пресврт- текстот беше повеќе од јасен- Цеца е најдобриот примерок на гној на општеството, и само на неа е посветена ваквата дефиниција.
Нејзиното славно криминално минато, злосторничките врски со убијците на Зоран Ѓинѓиќ, затворските денови во кои таа со сета и радост се сеќава на аркановските воени злосторства. Нејзината криминална биографија и до денес е предмет на семинарски, есеи, трудови, белешки, кои прераснуваат во сериозни научни дела и се предаваат низ светските универзитети.
Корените на турбо-фолк со подемот на Милошевиќ се никулците на военото профитерство, глорификувањето на криминалот, воените злосторства, порнорафскиот кич, моралната ерозија,чист порно-национализам.
Не смееме да сметнеме од ум- некои од нашите политичари со децении се фасцинираат од оваа претставничка на воената иконографија, претставена преку порнографската садистичка, агресивна еротска- т.н музика. Да имавме сериозни, разумни политичари, спорот помеѓу Филхармонија и Националниот џез оркестар немаше воопшто ни да постои. Еднакво, ниту несреќниот избор на жолтите ленти, кои за жал, потсетуваат на страдањата во Втората светска војна, за време на Холокаустот. Но, тоа е веќе друга приказна, која не им се допадна на некои, односно- на сите претставници на оваа институција. Секогаш сум отворена сум за критики, дури и најбруталните, еднакво како што и тие би требало да бидат. Тоа е единствениот спас- тогаш кога замислуваме дека сме исклучиво ние во право и никој друг, никогаш, никаде.