Конечно, дојдовме до некаква вселенска правда, сеедно што не ја заслужуваме ние, туку за неа е избориле нашите драги комшии од кумановско. Се започна со веста дека жителите на Слупчане не им дозволувале на екипите на ЕВН да влезат во селото, за да работат на реконструкција и модернизација на дистрибутивната мрежа. Освен тоа, вестите стануваат уште пофрапантни, подраматични и неверојатни: во ова село годишно се краделе 80% од потрошената струја, а само третина од 20% од фактурираната струја се наплаќала.
Образложението на нашиве бунтовни селани од Слупчане било дека не сакаат да плаќаат камата на камата, барале намалување на цената на струјомерите, следната точка говори за однапред да се направат инвестиции на мрежата и на крај, да им се прости долгот на социјално загрозните семејства.
На некои, не баш интелектуално моќни граѓани, разбирливо, не им е јасно зошто ЕВН добога дозволува да крадат струја и од каде да му се сневиди, жителите на Слупчане ја црпат таа застрашувачка моќ, гигантска сила, за да сеат страв од кој се смрзнува и да жнеат паника која се граничи со хорор филм- токму во исклучително почитуваната компанија ЕВН, која се стресува како да ја покосила струја, само кога ќе слушнат за нивното слупчанско име.
Зошто ЕВН не се плаши од моето име и од имињата на моите драги комшии и мили пријатели? Затоа што ние во нивните очи сме неспособни. Затоа што сме доволно мрзливи за крадење, што е доволна причина да нè презира ЕВН. Затоа што најмизерно, какви што сме, ги преспиваме екипите на ЕВН, кога доаѓаат пред нашите згради и ни ја исклучуваат струјата. Затоа што и да се качиме на бандерите, не знаеме да ги поврземе жиците и ладно и вешто да ги упатиме до нашата дневна соба. Затоа што им плаќаме колку и да напишале на сметката, спремни сме и да кренеме кредит, само за да нè ги разбесниме екселенциите од ЕВН.
Така другари не се заслужува место на Земјата, веднаш се отпаѓа со природна селекција на помудрите, повештите херои на Слупчане.
Затоа што навистина сме најобични паразити, неспособни кукавици да се бориме за себе и нашата правда. Нашите сестри и браќа од Слупчане, кумановско, се единствените вредни за почит во оваа држава. Не ме интересира дали борците од Слупчане се Македонци или Албанци, верници или атеисти. Тие се сè што никогаш нема да бидеме ние.