25 минути

Данке, Дојчланд, но…

Како што дознавме од словенечката претседателка, Наташа Пирц Мусар, нејзината земја поминала низ тежок пат кон членство на ЕУ. Замислете ја нивната агонија- морале да го променат Уставот во член кој дозволувал странците да купуваат и да поседуваат имот. Страдањето низ кое поминувала нацијата било предмет на жестоки политички дебати во словенечкиот Парламент. Оваа неописива болка на Словенија е навистина без преседан во светската политичка историја.

Освен со мала забелешка- купување на имот од страна на странци е нормален процес во европски земји.

Претседателката на Словенија треба да разбере дека проблемот на Македонија не е внесување на 3504 Бугари во Уставот- тоа е неважна, конечно и најмалата отстапка која може да се направи и никој не ја проблематизира.

Стравувањата се посериозни- дека ова е само мал почеток на бугарското вистинско збеснување- малтретирањата, изживувањата, понижувањата, уцените, притисоците, дополнителни услови и измислени критериуми од Бугарија ќе продолжат, и тоа со пријателска европска поддршка. Затоа што, да бидеме чесни и да признаеме- досега Бугарија имаше огромна поткрепа од земјите-членки на ЕУ.

Ниту пак се можни гаранции од ЕУ дека менувањето на Уставот е последната отстапка која мора да ја направи Македонија, под диктат на Бугарија, а која се однесува на условите кои се веќе прецизирани во Преговарачката рамка.

Германската поддршка во Парламентот околу македонскиот пат кон ЕУ, околу македонскиот идентитет е значајна и воопшто не е за потценување. Но, следните фази кои се однесуваат на прекројување на македонската историја и детектирање на говорот на омраза, можат да донесат нови вета од страна Бугарија, за кои никој од ЕУ не може да гарантира дека ќе бидат отфрлени. Германија во нивната резолуција ја повика Бугарија да се воздржи од дополнителни услови, но не и забрани, со клаузула дека ќе биде исфрлена, доколку се дрзне да продолжи да не малтретира.

Затоа што, така не функционира политиката. Затоа што, Бугарија на ЕУ и е многу поважна од Македонија и тоа недвосмислено го докажа. Затоа што, правдата во политиката не функционира, затоа што, конечно,  нашата земја не е центарот на Универзумот околу кој се врти светот- тоа е политичка реалност, факт, со кој мора да се помириме, колку и да боли некого.

Единствено што замолуваме се бајките- да престанат да ни ги пејат за блажено да нè успијат. Словенечката претседателка веројатно знае дека во политиката најпогубно е да се потценат граѓаните, со идеја дека се хипнотизирани од политичките величини. Можеби е добро да го слушне претседателот Пендаровски, како ја соопштува суровата вистина, затоа што тоа е единствениот можен начин во политиката. Конечно, сетете се како мораше да изгледа говорот на Черчил, во 1940 година, во предворјето на Втората светска војна, кога се соочува со повици да се помири со Хитлер: „Немам што да понудам освен крв, мака, солзи и пот.“