Традиционалните американски црни листи уште еднаш покажаа непријателство кон корупцијата. Од првиот ден откако е дојдена амбасадорката Ангела Агелер, говори дека граѓаните во оваа земја заслужуваат чесни, одговорни политичари, кои се грижат исклучиво за нивните интереси, како и за добробитот на сопствената земја. Што подразбира дека се исклучуват крупните интереси на сопствениот џеб, како и партискиот.
Во име на пријателството и сојузништвото, Америка со децении наназад и помага на Македонија на сите можни начини, сè со цел да се демократизираме.
Такви пријатели на Рамиз Мерко не му требаат. Ниту на идните носители на црните листи. Правдата во оваа земја секогаш е на нивна страна. Неправдата им припаѓа на граѓаните. Така е наредена шаховската табла, секогаш затрупана со фигурите на судиите и обвинители-пиони, но и грижливо наредените фигури на властите на клучните места, кои не може поинаку да се поместуваат и преместуваат од никого, најмалку од граѓаните
Тука се и пријателите кои го кандидираа Мерко и покрај одличното богатство на знаење кое го имаа- за неговите кривични пријави, распоредени низ лавиринтите на судството, длабоко закопани во нивното лажно незнаење.
Вистинските пријатели ви дозволуваат царство на корупцијата и криминалот.
Кралство на дивоградбите.
Империја на наместени тендери и јавни набавки.
Татковина на скриени кривични пријави.
Небесни подароци во вид на коли какви што ќе посакате, благословени привилегии и леснотија која ја носи безгрижноста, кои само пријателите по криминалот можат да ви обезбедат.
Затоа, нека не се чуди премиерот Ковачевски за американската црна листа во која се заплетка Мерко. Ковачевски е тој што овие месеци откако е на власт, требаше да создаде амбиент на владеење на правото, на неказнивост, да ги постави контурите на реформи- прочистување на обвинителите и судиите, истрага за нивното потекло на имот, како и испитување за нивната работа. Институциите не се во рацете на граѓаните, туку кај Ковачевски и Ахмети. Правда за Мерко е она што очекуваат граѓаните. Во име на неправдата, која единствено совршено функционира во оваа земја.