Црквата и некои од нејзините верници се кренаа на нозе заради два закони- Законот за родова еднаквост и Законот за матична евиденција. Правата на жените и ЛГБТИ лицата се опфатени со овие закони, а тие права се основни човекови права, универзални, кои им припаѓаат на сите, без исклучок. За жал на нашиве верници, овие права не им припаѓаат исклучиво само нив, ексклузивно, како да се работи за божества од грчката митологија или надлуѓе, кои се недопирливи и отсечени од земниот свет со своите натприродни моќи, заглавени во вековите на инквизиција, прогони, крстоносни војни.
Сепак, СДСМ потклекна на црковните урлици и закани- објави дополнителна широка јавна дебата и расправа, пред воопшто да биде ставен на маса Законот за родова еднаквост, со што ја суспендираше секуларната држава. Социјал-демократите во оваа земја забораваат дека нивната идеологија историски е предадена на политики насочени кон спречување на нееднаквоста, елиминирање на угнетувањето, на непривилегираните, отфрлени, маргинални групи, на оние кои се кревки, слаби, незаштитени, давајќи поддршка и борејќи се за универзалните права и слободи.
Конечно, оваа социјал-демократска идеологија е еднаква на сите начела и кодекси за кои Црквата тврди дека се залага- дека тоа е нејзината мисија, нејзиното се и свја, нејзиното верују. запишано во Библијата: љубов кон сите, затоа што сите сме Божји чеда, милост и помош особено за најранливите, оние на кои најмногу им треба подадена рака- отфрлените, угнетените, прогонетите, исфрлените, напуштените. Таквите во Црквата треба да најдат разбирање, милост, љубов, поддршка и помош- ако навистина оваа Црква се раководи од преданијата на своето учење.
Црквата во оваа земја никогаш не се крена за неправдите, за корупцијата и криминалите, за сиромашните и понижените, не направи чистка во своите редови на оние кои не плаќаат даноци, кои не пријавуваат финансиски извештаи, кои купуваат ексклузивни имоти, непристојно евтини, кои со сопствениот возен парк се натпреваруваат со финансиски најсомнителните. Сопственото богатство оваа Црква го мери со колекционерство на пари и безобразно земјопоседништво, далеку дека се сиромашни како црквени глувци. Наместо да го смета за непроценливо, немерливо со пари и да го живее она што го проповеда за скромноста, понизноста и чесноста, добрината, разбирањето, толеранцијата.
Во ваква Црква тешко дека вистинските верници се крстат. Власт која дозволува неконтролирано богатење и преговара со Црквата за носење закони, потклекнувајќи на нивните барања- тешко дека има некаква светла иднина.
Оваа Црква го избра својот пат, еднакво како и власта. Каква иронија- за таквиот пат секогаш се тврди дека е поплочен со добри намери.