25 минути

Фатмир на македонски значи Среќко

Страдањата на администрацијата во Македонија се одамна познат факт, позавртете ги само политичките енциклопедии, не се плашете од премногу знаење, никогаш не е доволно. Нивната трагична судбина, онаа на бирократве наши, можете да ја најдете под ставката- ефикасна катастрофа. Понатаму, во текстот следи: независни, непартизирани, вредни, компетентни, професионални. Но, малку платени, за жал и за огромен срам на даночните обврзници- граѓаните.

Токму заради тоа, заради безобразно дрските ниски плати,  нашава администрација оди во други земји да работи. Зема неплатен одмор во државните институции во земјава, го фаќа првиот авион со желба никогаш да не се врати, но, но. Сепак, не по нивна желба и волја- одат во други земји само неколку месеци, да работат во приватни компании, фирми, ресторани, хотели. Како собари и собарки, мијачи на чинии, градинари, келнери, шанкери, шалтерџии, шефови и директори, светот нуди неверојатна лепеза на одлично платени работи на уште поспособна и квалификувана работна сила, како што се нашиве административци.

Вицепремиерот Фатмир Битиќи има идеја овие работници да му се понудат во септември на приватниот сектор, кога ќе се вратат во земјава. Тој има само идеја, не вели дека тоа ќе го стори- она што треба всушност- да им се заблагодари на успешната работа во странство, покажувајќи им ја вратата од надворешната страна, за да го запознаат вистинскиот, реален свет.

Она што секако може да го стори Битиќи е да им го соопшти светот на возрасните на овие административци кои ние ги плаќаме- искуствата од Холандија, која ми ги раскажа една моја пријателка, која работи многу одамна во таа земја. Нејзиниот одмор е еден месец и ништо повеќе од тоа, но затоа пак, доколку сака да ги развлече деновите за одмор, таа ги плаќа. Не зема неплатен одмор, туку го плаќа одморот на фирмата во која работи. Неплатени денови за администрацијата секако дека нема, особено не- за да работат во приватни фирми.

Битиќи е храбар министер, доволно храбар за да им соопшти на националистите сред собраниската говорница дека има право да говори на својот мајчин јазик, албанскиот, дека неговото име во превод на македонски значи Среќко, дека правото на говорење на својот мајчин јазик е основно човеково право, тоа се стекнува со раѓање и се губи исклучиво со заминување од овој свет. Тоа е еден од подобрите говори кои сме ги имале во оваа земја.

Битиќи во оваа земја веројатно би направил многу повеќе, доколку од него би зависело. Но, на крајот на денот, сите сме свесни за трагедијата околу нас која ја шири реата на политиката- дека се зависи од Франкештајнот кој го создадовме- администрацијата. Таа е единствено и исклучиво совршено разработена партиска машинерија, измислена и негувана само за потребите на изборите, ништо повеќе од тоа не е способна, ниту заинтересирана да даде. Тоа ви се послушни и понизни партиски војници, кои ја клатат главата со одобрување и гласање за партијата која ги вработила и им ги дала сите привилегии, вклучувајќи ги неплатените одмори за да докажат дека се бескорисни во оваа земја, но исклучително способни во други, во сите останати, можни земји во светов.

Токму таа и таквата администрација на време не спровела тендер за болните од дијабет, за да не можат да имаат воопшто инулинска терапија. За да умираат тие луѓе. Премногу е сурово ова што го велам? Не треба да ја споменувам смртта како последица на незаинтересираната администрација и министрите за здравство и на сите останати функционери- за луѓето кои се болни и зависат од нивните проклети тендери? Да се извинам? Не, овие луѓе кои немаат терапија треба да им покренат тужба на сите кои се виновни што немаат инсулинска терапија. Тоа би било единствено праведно, исправно и разумно. Но, следната инстанца се судиите. А, судиите…