25 минути

А тој е фин, грижлив човек

Стојанче Ангелов го знаеме отсекогаш, тој е фин, грижлив човек. На чело е на институција која за ништо не е надлежна, освен да констатира катастрофа, но за жал, нема никаква можност да преземе барем еден чекор, да повлече барем еден потег, за да се спасиме од трагедиите за кои тој алармира.

Неверојатна приказна е оваа која следи. Кога тој вели дека 14 мостови во државава се небезбедни, и додава- состојбата е алармантна, никого не загрижува, освен него и нас.

Нивните ингеренции, на ЦУК- агенцијата на која Стојанче Ангелов е директор- биле само да посетуваат и разгледуваат мостови. Со тефтери и пенкала да запишуваат како ова веќе понатаму не оди вака.

Како вели тој- не треба да бидете експерт да знаете дека ако мостот има паднат столб, не е најстабилен. Неверојатна приказна. Во село Ланце градоначалникот бил прилично немоќен. Низ мостот на кој имало пукнатина и бил изграден пред педесетина години, поминувале граѓани кои ги извршувале земјоделските обврски. Затворањето би предизвикало голем проблем, вели Стојанче Ангелов, „но ваков каков што е,  не сум сигурен дека е безбеден“. Секако дека сите ние и Ангелов сметаат дека поминувањето низ мостот е поголем проблем од затворањето.

Но, Ангелов не може ништо повеќе да направи. Ги известил сите надлежни институции за сите мостови кои треба да се забранат, на кои им недостасувале столбови, на други им требале  импровизирани огради, а дури три моста кај Крива Паланка граѓаните сами ги правеле.

Неверојатна приказна. За да постојат надлежни институции, треба најпрво да постојат институции. За да постојат институции, потребен е систем, за да постои систем, потребни се квалификувани и компетентни луѓе на челни позиции на тие институции. Луѓе кои земале 78% поголема плата како функционери, во тоа се состои таа квалификуваност и компетентност. Надлежноста почнува и завршува само кога станува збор за зголемување на платите. Спречување на катастрофи не е во рацете на ниту една институција. Единствената катастрофа која може да им се случи на нашиве функционери е нивната лична трагедија- по грешка некој да им ги одземе незаслужените привилегии- службени коли со кои се вуцараат каде што ќе посакаат, банкарски картички за да може финото друштво да се расположи во третокласните биртии кои за нивните стандарди се најотмениот локал во кој стапнале во животот, удобни фотелји од телешка кожа на кои по цел ден се клацкаат додека не им се заврти, заоблени мевови кои се прелеваат додека не се распукат распојасаните кошули. Стојанче Ангелов тешко дека некој од овие господа го слушнал. А и да го чуле, сигурно им е многу смешно како се распаѓа одеднаш се. Дури и да сакаат нешто да направат, не знаат што воопшто би требало. Во целиот свој занес продолжуваат да се вртат во фотелјите, додека не треснат доволно силно, за да се срушат сите мостови, за да почнеме сосема од почеток, затоа што друг излез нема.