25 минути

Вреди оваа борба, Агелер и Ивановска

Светот е преполн со црни листи, како што се засилува окупацијата на диктаторите, корумпираните, недемократите. Се додека светот не се исчисти од Путин и неговите корисни идиоти, од целата светска путинизација, во сите облици и диктаторски модели.

 САД и американската амбасадорка Анџела Агелер ги соопштуваат имињата на црната листа едно по едно, како часовник кој лупа низ судските и политичките глави. Сите чекаме да се распрснат, да се разобличат, но тука, конечно оваа држава да ги препознае, да ја казни културата на неказнивост.

Никола Груевски, Сашо Мијалков, Мендух Тачи, Рамиз Мерко, фирмата „Сајтрокс“, Орце Камчев.  

Корупција и криминал кој одекнува низ празните судски и политички глави низ децении. Нивната испорачана сметка низ сите тие тажни години, од самиот почеток, а на кој не му се гледа крајот- се разбира дека ја плаќаат граѓаните.

Во Македонија овие луѓе не се на црна листа. Власта- и политичката и судска, има подобри решенија за себе. Таа низ неделиве, стануваа и месеци, ја имаат во своите канцеларии сликата со таргет на една друга личност.

Нејзиното име е Билјана Ивановска, претседателка на Антикорупциската комисија. Артан Груби, Бојан Маричиќ, Славица Грковска систематски ја пишуваа и допишуваа исклучиво неа.

Оваа недела честа ја имаше и Јавното обвинителство, кое соопшти дека прекинува секаква соработка со Антикорупциската комисија. Политичкиот сатар на Обвинителството и пресуди во случајот конфискација на имотот на Сеад Кочан, затоа што изрази сомнежи за криминални шеми.

Тоа е и најголемата грешка на Билјана Ивановска, така тие ја доживуваат. Еднакво како и Анџела Агелер. Во светнатите за власт и моќ судски и политички очи, тие се нивниот пораз. Да биде поразен криминалот и корупцијата- во таа нивна борба, Ивановска и Агелер го имаат сето време на овој свет. Премало за граѓаните на оваа земја, кои го навиваат часовникот одамна, затоа што им се брза. Со едната нога во друга, некоја не можеби далечна, но нормална земја и со оваа нога тука. Испратени со најпатетичните песни дека срцето им пука- тие се збогуваат. Вреди оваа борба за нив и за луѓето кои сепак остануваат тука, Агелер и Ивановска.