Ова лето највознемирувачката вест во земјава се ширеше како пожар кој се закануваше да нè пеплоса. Каква трагедија пријатели, нè нападнале странци од различни земји, секако дека мора да се луѓе со сомнителни намери.
Се работи за стотина луѓе, тие привремено се населиле и кампирале кај Маврово, палеле логорски огнови и изведувале некакви сомнителни ритуали. Населението од околните села било загрижено, затоа што, според нив, се работи за секта, хипи-комуна, инаку насловена како „Собири на виножитото“, кое правело журки под дејство на алкохол. Треба да се биде докрај фер и да се поддржи загриженоста за палењето оган, кое надлежните институции треба да го забрануваат и казнуваат.
Но, она што ретко која душа допре е фактот што овие луѓе пред да си заминат од мавровскиот регион, го исчистиле целото ѓубре, кое се таложело со години.
Жителите од овој регион се бесни, разбирливо, очекувањата се секогаш високи кога станува збор за сопственото ѓубре. Огорчени се пред сè на амбасадорите во земјава, којзнае каде месециве се расштркани низ светот, летово некако изгледаат незаинтересирани за одамна преземените должности од градоначалниците и властите во земјава- да се чисти, да се има свест за базична хигиена. Она што длабоко разочарува е амбасадорската опуштеност и лежерност за време на летниот период. Без да имаат макар трошка свест и совест, тие заминуваат по одмори насекаде низ светот и нè забораваат. Просто, со нивното снемување, тие објавуваат дека се игнорантни во овој период, едноставно не се во можност да ни го чистат ѓубрето со нивната неверојатна посветеност, која трае со години.
Амбасадорскиот кор бесрамно нè напушта овие месеци, оставени сме сами на себе, да се соочиме со сопственото ѓубре, од кое повеќе нема бегање, благодарејќи на заборавот на амбасадорите.
Ѓубрето се таложи и не затрупува, сега веќе го расфрламе повеќе од лутина и огорченост што сме отфрлени од амбасадорите, ни се чини засекогаш. Катастрофата особено нè погодува ова лето, сега настапи ера на климатско вриење, свесни дека сме на удар на екстремно високи температури, кога ѓубрето дополнително смрди до корнење, до онесвестување.
Нашето ѓубре е тажна приказна за сите нас, која почеток има, но никаков крај не е на повидок. Мора да е голема привилегија да се биде градоначалник на град Скопје, како и на останатите општини. Градоначалници кои се затрупани во ѓубре и гледаат пред себе слики од амбасадори кои чистат. Којзнае колку на нашиве градоначалници овие слики им се смешни, забавни, неверојатно расположувачки. Бесрамна е оваа приказна.