Кога сте на власт, целата тајна како да опстанете е- да не се воздржувате од ништо. Алчноста, ниските страсти, моралната корумпираност- сè да биде ваша специјалност. Не, не се работи за тоа да ги користите сите привилегии, не воопшто. Идејата е да злоупотребувате и грабите сè околу вас, официјално претставувајќи ги вашите потреби и изживувања како функционерска неопходност.
Не се залетувајте дека тоа е доволно. Не, не, еднакво важно е да не дозволувате граѓаните да имаат шанси да преживеат. Да имаат малку пари, а уште помалку шанси да им се отвораат за да заработуваат чесно и достоинствено. Да сторите сè за да добиваат минимални услуги од државата, од оние кои се платени за да им служат. Да ги малтретирате деноноќно, за каде и да се свртат, да не можат да се одбранат.
Болните да немаат лекови, но внимавајте, мора да се прави сè за да немаат ниту пари да ги купат. Здравите да се разболуваат, гледајќи ги своите најблиски како патат и пропаѓаат. Само болна нација на изумирање може да поддржи нездрава власт.
Децата да учат од погрешно напишани учебници, каде реките Тигар и Еуфрат се наоѓаат во Африка, на пример. Жените се машини за расплод, а хомосексуалците се болни луѓе. Најдобро е воопшто да нема учебници, покрај ваквите историски вистини кои се печатат.
Да ги распоредувате и раздавате тендерите на луѓе исклучиво блиски до вас. Ќе ги прогласувате за ваши донатори, за да има некаков легален начин да ви се враќаат парите во партиските, но најдобро- во приватните џебови.
Планот мора да биде идеален- затоа тука одлично ви послужува старата, добра Бугарија. Правите сè за граѓаните да посакуваат сè повеќе и повеќе да побегнат од земјата, никогаш да не се вратат, да ја заборават засекогаш.
Да плачат можеби скришно, во себе, тогаш кога ќе посакаат да добијат бугарски пасош да се понижуваат доброволно, да ги проверуваат колку навистина се родени Бугари- пред нив да пејат песни во Амбасадата на официјална Софија, а растеле со сознанието дека се македонски. Не, не велам дека сите се македонски, но сите не се ниту бугарски, српски, албански. Затоа е и создаден документарецот „Чија е оваа песна“, за да пораснеме како луѓе. Нема чисти нации, но секако дека има валкани власти. Да не дозволиме да нè изеде национализмот, тука и таму, како одговор на властите кои нè распарчуваат, нудејќи сиромаштија, во секој поглед, не само финансиска. А власта многу често се знае во што се претвора, извинете што пцујам.