25 минути

Денес, кога станувам функционер

Откако сами си ги зголемија платите на 78%, сега доаѓаат уште поубави времиња за македонските функционери, во кои крадењето се слави.

Да се биде искрен мора- има одредени луѓе што ја поддржуваат власта за менување на законите за да се намалат казните на функционерите. За поздравување е и ВМРО-ДПМНЕ, кои велат дека немале време за амандмани, со кои ќе им се спротивстават на новиот Кривичен закон. Нека кренат рака оние кои ги поддржуваат овие кривични промени за помали казни за функционерите. Сега и втората нека ја кренат. Затоа што имаат некаква финансиска корист од власта или од партиите. Сега нека ја кренат главата и тоа гордо да го признаат. Не велам чесно да признаат, се разбира дека честа и чесноста немаат ништо со сево ова.

Образложението на власта е дека со помали казни функционерите во оваа држава ќе се воздржуваат од крадење, но и конечно ќе почнат да бидат казнувани- со затвори, но и конфискација на имотот.

Како што пишуваат новинарите во порталот „Сакам да кажам“, за препарирање диви птици казната е 10 години затвор, а за крадење државни пари е намалена на максимум 4 години. Може да се изведе заклучок дека политичарите далеку повеќе ги ценат дивите птици од обичните граѓани. Но, видете- тоа се само тези на анти-ЕУ граѓани, кои не разбираат зошто е важно функционерите да бидат сега и законски охрабрувани да крадат од граѓаните.

Освен тоа, со новиот Кривичен закон, претходните гарнитури политичари од ВМРО-ДПМНЕ сега стануваат среќни луѓе, не дека досега не беа, но сепак. Можат полесно да дишат- граѓаните се одушевени што на некои казните им застаруваат, некои се веќе слободни луѓе, како што им доликува. Сите го очекуваат Никола Груевски да се врати, како што и замина, достоинствено. Тоа се и тезите- дека неговото влијание врз пратениците на ВМРО-ДПМНЕ е сепак големо, што дел од нив тој лично ќе охрабри да гласаат за уставните измени, а за возврат минатите, сегашните и идни функционери, добиваат амнестија. Од сите партии, секако.

Се разбира дека сите стравуваат дека во случајот со криминалот на Онкологија многу е можно никој да не одговара, да нема казнивост, како што историјата нè  учи во оваа држава. Но, дури и да се казнат, со намалувањето на затворските казни за злоупотреба на службената положба, се отвора простор за минимални затворски денови.

Повеќе не е ни срамно да се биде функционер во оваа држава. Станува сè  пострашно. За граѓаните, се разбира.