25 минути

Стариот лисец Ахмети

Ахмети е мајстор на играта, тоа е сигурно. Погледнете ги неговите пофалби за Груевски и комбинирајте ги со сегашната замрзната позиција на власта со уставните измени. Мала анализа и на најголемиот аматер во политиката, може да доведе до едно решение, единствен заклучок- нема никаков излез, ниту најмала врата за протнување.

Само старите, највештите и најлукавите мајстори во политиката го знаат патот до олеснувањето. Кога се е исцрпено, уморно останува преговарачката маса со подискината, изабена зелена чоја. Кога сите веќе кренале раце, време е да извлече последната, најдобрата карта од играта. Тоа значи само едно- дошло време да се игра на најстарата карта, онаа на византиските игри во кои со задоволство се вклучува цела машинерија на булдожери во политиката. Затоа што нема повеќе време за губење. Мора да се направи раздор во ВМРО-ДПМНЕ, за да се обработуваат подоцна еден по еден, мазно, со внимание и нежност.

Ахмети не е сенилен старец. Тој многу добро ја знае улогата на Груевски, човекот кој ги создаде најтешките времиња по независноста на оваа земја. Дали во тоа активно учествуваа ДУИ, одамна не е вистинско прашање кое ги решава проблемите, кои секојдневно се наталожуваат. Што е сега тоа веќе важно, картата за иднината е на маса, треба да се одиграат најподлите, најперфидните потези на зелената маса. „Груевски беше жртва на пропагандата на СДСМ, Груевски беше сепак десет години премиер, да не бидеме егости, да бидеме луѓе“. Ахмети точно знае што зборува и која е употребната вредност на сите овие неверојатни небулози, во вид на славења на Груевски.

Во меѓувреме, има сомнежи дека Заев преговарал со Груевски? Истото го правел можеби и Ковачевски? Кај Пендаровски се шпекулира дека се одвивале најважните преговори за Кривичниот законик? И што со тоа? Само политички аматери може да се згрозуваат од сево ова. Јасно е се- Ахмети преку овие интервјуа кои ги дава, го прави истото што и овие негови политички пријатели. Да се скрши ВМРО-ДПМНЕ, да се раситни и раздроби, да се исецка барем на осум парчиња и да се распореди онаму каде што припаѓа- во гласачкиот барабан за уставните измени.

Ахмети е стар лисец, какви што само изнедруваше СФРЈ, се разбира дека сите не беа политички грамади каков што беше Глигоров. Но, сепак, не се опуштајте. Не се работи за набрзина склопени политички прирачници, дали воопшто потпрочитани, но сигурно фрлени, од кои денешните генерации политичари мислат дека научиле. Времињата на СФРЈ беа далеку посериозни од тоа што мислат новиве политички зајци. Лавиринтите на тајните служби беа едно од скалилата низ кое мораше да се помине, и тоа беше во политиката клучното. Ако сакате, се разбира, да владеете многу повеќе од една политичка епизода. Макијавелистичкиот пристап во политиката не е за сечиј желудник.

Не е важно уште колку долго ќе владее Ахмети, уште помалку како ќе заврши неговата кариера. Досега се му беше простено, затоа што беше единствениот кој беше најважен од сите. Ако успее и во оваа игра, ќе биде најчесното кое воопшто го одиграл. А тоа е единственото важно во политиката. Целта да биде чесна, не и начините, никако средствата. Затоа што политиката не е за секого, но стариот лисец Ахмети покажа дека е роден за неа.