25 минути

Крај на ерата-Кога Албанците беа Шиптари

Апелот на Исмет Рамадани  конечно да заврши ерата „Кога Албанците беа Шиптари“ не смее да заврши како пусти соништа, само тажни илузии кои ќе немаат никогаш, никаква шанса да  освестат и здоболат. Да ги здоболат оние сејачи на омраза низ децениите, кои го посадија национализмот во оваа земја  и од двете страни.

Македонскиот и албанскиот национализам се уште го глодаат општеството, никогаш не дојде навистина до помирување, до разбирање. Само братството на омраза опстанува. И се разбира, братството на корупцијата, кое не познава етнички, партиски, национални граници.

Слушнете ги оние кои сметаат дека по дефиниција е национализам кога ги броите Албанците и Македонците- кој колку е удобно залегнат во државните фотелји, додека кутрите Македонци се подалеку од функции од кога и да било порано, а тие се мнозинството во оваа земја. Не се важни квалификациите кога националната припадност е во прашање. Но, работите се многу посложени од ваквите бегства од вистинската праведност во едно општество. Доколку низ историјата не се договореа квотите како демократски модел за да се заштити мнозинството- етнички, расни, родови квоти, светот се уште ќе го водеше тиранијата на мнозинството. Малцинствата никогаш немаше да имаат шанса за живот.

Развиените, демократски земји низ историјата сепак се обидувале да создадат услови за интеграција на обесправените, маргинализираните малцинства. И сепак, отфрленоста и понижувањата кон овие малцински групи се уште постојат, дури и во оние демократии кои ги добиваат големите титули- како најсреќните нации.

Се разбира, ништо не е готово, ништо не е завршено. Никој не е наивен- борбата на малцинствата се разбира дека ќе трае со векови, но низ тие столетија секојдневно ќе мора да разговараме, да се жестиме, да се конфронтираме, зошто да не, но да ги браниме и напаѓаме ставовите со аргументи, исклучиво преку цивилизиран дијалог и дебата. Само така ќе ги затвориме поглавјата на омразата.