25 минути

Блескави оценки за корупцијата

„Нема напредок во борбата против корупција и судството„- вака изгледаат блескавите оценки што ги доби Владата во Извештајот на Европската Комисија. Затоа и вице-премиерот за евро-интеграции повеќе од задоволно констатира дека 80% од Извештајот претставува напредок, а останатите проблеми ќе ги решиме низ преговорите. Сите хорски, во транс изјавуваат дека најважно било  сега да се изгласаат уставните измени, кои ги кочи ВМРО- ДПМНЕ.

Логиката на власта е повеќе од фасцинантна. Нема напредок во борбата против корупција и во судството, затоа што Бугарите не се внесени во Уставот. Едноставно, власта не може да прави реформи без Бугарите. Оттука се заклучува дека тие 3504 Бугари во земјава се, каков е овој пресврт,  клучните експерти во реформи на корупцијата и судството, во неспособната,  партиска администрација. Без овие 3504 Бугари власта едноставно не може да се сопре, не знае како да престане да се краде, корумпира, злоупотребува, да уништува се што е јавно добро.

Кутрата таа, страдалничка власт, која  легнала седум години и се преправа дека е мртва, за никој да не ја скорне и да ја праша- дали сте вие при здрава свест?

Тие 3504 Бугари се нашите реформски апостоли. Без нив ние сме изгубени души, кои не знаат како да го спречат ужасот во здравството, како да ги казнат злосторствата на оние кои не ги лечеле пациентите на Онкологија, туку им ги краделе лековите и ги препродавале за да се збогатат доволно, за да може да ги корумпираат оние кои треба да ги гонат и да ги казнат.

Власта е залегната сите овие седум години, глумејќи дека е на смртна постела погодена директно во срцето на разни теми- во последно време тоа се уставните измени. Со едното око подгледнува дали некој ја гледа, и ако види дека сите се загледани на некоја друга страна, продолжува со напредокот во усовршување на корупцијата и докрајчување на судството. Се струполува веднаш за да продолжи со глумата дека е умрена кога треба да се објаснува- дали е свесна што прави сите овие седум години, добога? Ако сепак нашиве- премиер, министри и вице-премиери некој ги натера да потстанат да објаснат, како што е евро-амбасадорот Дејвид Гир, или холандскиот амбасадор Коп, или американската амбасадорка Анџела Агелер, нашиве страдалници згрозено и шокирано повторуваат хипнотизирано се што кажале претходно амбасадорите- страшно е ова што има корупција, неверојатно како не е искоренета, срамота е за државата, кутрите граѓани што мора сето ова да го трпат.

Со Груевски и неговата автократска власт барем знаевме што може да се очекува- дека пропаста е загарантирана. Но, ова чудо, денешново, не сме го виделе досега.