25 минути

Кутриот тој судија

Кутриот тој, обесправен, понижен, осиромашен судија Енвер Беџети. Беше фатен како 9 месеци го држи во фиока предметот на Сашо Мијалков за масовното прислушување и каква драма, казнет бил фантастични 20 проценти од платата.

Господа драги, имајте милост ве молам, како ќе живее почитуваниот господин судија сега? За што ќе се бори нашиов страдалник? На што ќе се радува кога му го земаа лебот таман да го голтне, за што воопшто ќе живее, во која иднина ќе верува? О, да, во ваквата држава секако дека ќе продолжи да се крсти, во- за него скроеното владеење на правото, во царството на будалите граѓани кое тој и неговите другари го скроиле. Тие исти граѓани се разбира дека се должни, треба да им биде чест и привилегија да му ја даваат платата за да крие предмети во свое лично име.

Затоа и вицепремиерката Славица Грковска е револтирана, погодена, бесна на власта на која и припаѓа. Затоа и изјави дека поради дупки во законите недоволно се санкционирало коруптивното и криминалното однесување. Како вели- “треба да се работи на воведување конкретни алатки со кои антикорупциската борба ќе стане поуспешна и со повидливи резултати.“

Генијални идеи се ова во земјата будалија на граѓаните- истата плоча ја вртат, цвили и писка изгребана, оштетена седум години откако СДСМ  е на власт, а дојдоа токму заради сево ова што Грковска го кажува и за што лелека. Корупција, криминал, невладеење на правото. За тоа марширавме во Шарената револуција, за тоа се надевавме, за тоа живеевме.

Се боревме заедно со нив, сите бевме Шарени- за да ги менуваат законите, за да не се кријат предмети во фиока, за да одговараат криминалците, за да светне силно ден по мракот на Груевски и Мијалков. Немаше правда, немаше мир. Ниту правдата дојде, но барем мирот некако го најде СДСМ во власта. Нивната песна седум години не престана да ечи-„треба да се казнат“- Они требале, но не можело преку ноќ „мора да се сменат законите“- Они морале, но не идело така ништо лесно, ќе направиме“- Тие ќе направеле, ама кога ќе дојде вистинското време, “планираме да се справиме со корупцијата“- И освен тоа, и планирале, но знаете како оди онаа поговорка- Господ ви се смее на плановите, “најавуваме бескомпромисна борба“- Најавувале тие, немојте да се опуштате, бидете така, „ќе дадеме се од себе“. Дадоа се од себе, нема дилема.

Царството на будалите граѓани некако мора да се одржува. Да не очајуваме. Доаѓаат нови избори, нови победи, нови порази. Мракот блешти на силно светнатиот ден.