25 минути

Само вие продолжете да кукате и лелекате

Само за наивните е измислена приказната за кафето на кое бил испратен и принуден да го испие унгарскиот премиер Орбан, за да можат да гласаат сите останати ЕУ земји-членки за почеток на преговори на Украина.

Политичка иднина на светот секако дека  е многу позначајна од Унгарија, дури и автократ како Орбан е принуден да клекне на колена и да испива огромни количества кафиња, за да се вознемири дополнително, соочувајќи се со сопствената неважност во историски моменти. Консензусот- како единствен услов за одлуки на ЕУ  е приспивна бајка за политички аматери, кога поголемите, историските цели се поважни од малтретирањата на некоја земја членка.

Проблемот на Македонија кој го има со Бугарија никогаш не може да биде ни приближно сличен со оној на Украина и Русија. Геостратешките и геополитичките интереси ја исфрлаат Бугарија како исклучително важна за Европа, за светот.

Плановите за промена на преговарачката рамка со ЕУ со силна македонска дипломатија се најдобрата идеја која ВМРО-ДПМНЕ може да ја понуди, нема дилема. Потребно е само да поработат на неколку ситници- да увезат море, да ископаат нафта и злато, да произведуваат или увезуваат гас директно од центрите на моќ.

Имаат и други решенија што се однесува до силните македонски дипломати кои можат да го сменат Преспанскиот договор и да ги исфрлат сите бугарски барања од Преговарачкаа рамка. Да ја сменат интелектуалната историја на Грција, да ги прогласат Аристотел, Платон, Сократ… за македонски мислители. Во исто време, грчките и бугарските политичари образовани низ светските универзитети како Харвард, Оксфорд, Кембриџ да ги убедат дека се една голема интелектуална нула, за разлика од нашите политички елити, кои незаслужено секогаш се исфрлани од најтесниот натпревар за Нобелова награда.

Сепак, наједноставното решение е да го исмејат и да му се потсмеваат на албанскиот премиер Еди Рама, со неговата, секако за нив тоа е  ступидна идеја- дека неговата идеја да влезе Албанија во ЕУ – е со развивање на  вештачка интелигенција. Токму затоа, Рама ја ангажира Мира Мурати, една од пионерите и иноваторите на АИ, жената која ја креира светската иднина за која ние немаме блага појма што тоа воопшто значи.

Тогаш кога Мицковски и Ковачевски ќе излезат пред нас, но и пред светот- да објаснат со што Македонија планира да влезе во ЕУ, поттикнати од натпреварувачкиот дух на Рама, дури тогаш можеме да се согласиме дека заслужуваме да бидеме дел од европското семејство.

Но, едно мора да се признае- се додека европската иднина ја гледаме исклучиво преку нашите кукања и жалопојки за неправдите и вечната жртва на Македонците,  можеме да се збогуваме од неа.

Прашањето е до нас- што ние можеме да понудиме, со кои идеи ние можеме да ги победиме македонските политички лидери? Време е за да сфатиме дека се зависи од нас.

Facebook
Twitter
YouTube
Instagram