Најдобрата изјава во историјата на политиката е онаа на градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска- Корумпираните политичари сакаат да згрешам, но јас не правам грешки. Но, таа не мораше тоа да ни го каже воопшто, зарем не знаеме низ годиниве за каква безгрешна политичарка станува збор?
Фасцинантните елки на Плоштадот во Скопје- не само што совршено говорат за беспрекорниот софистициран вкус на Арсовска, туку и за високата свест за демократија, транспарентност, отчетност за потрошените пари на граѓаните. Токму затоа и остануваат државна тајна податоците за јавните набавки на двете трупосани искривени елки на Плоштадот, за кои медиумите од регионот се натпреваруваат во сожалување на префинетиот стил на Скопје.
Бегрешноста на градоначалничката се однесува и на кристално чистиот воздух кој го дишат Скопјани, гордо соборувајќи ги сите светски рекорди на загаденост низ годиниве.
Политичката мудрост во неправење никакви грешки на Арсовска се огледа и во одличното функционирање на сообраќајот на Скопје. Имаме модерни превозни средства, брзи, ефикасни, по светски стандарди. На тој начин, граѓаните драстично го намалуваат користењето на автомобили, доброволно се откажуваат од создавање сообраќаен хаос и загадување, свесни за сопствената улога во градење на политики кои допринесуваат во креирање на јавен, општ интерес.
Или можеби расфрланото ѓубре како да сме во пост-апокалиптично Скопје, како нов аргумент за никакви грешки на Арсовска. Беспрекорно чисти улици, паркови, инсталирани канти и корпи најмногу на секои педесет метри, комунални чистачи, но и редари насекаде, наметнати високи казни за граѓаните за непочитувањето на сите овие правила на цивилизирано однесување.
Ќе поминат години, децении, векови, онака како што мачно минувале во западните демократии, додека не се дојде до свест кај граѓаните за сопствената сила и моќ во градење на државата. Дотогаш, ќе се согласуваме дека сме ние оние, ко црни ѓаоли грешните граѓани, затоа и ќе молчиме и ќе страдаме- од нашата пофалба на лудоста, од безгрешните политичари.