25 минути

Херои над небото на Македонија

Имаме многу малку херои во поновата историја. Еден од нив секако дека е устоличен- лидерот на Синдикатот на М-НАВ, Александар Тасевски.

Сега сите им се нафрлени на ДУИ, заради нивниот Беким Незири, кој со уште седум бандити влегол во контролната кула, во заклучена радарска соба за контрола на летање на Аеродром Скопје. Приказната веќе сите ја знаете- барале контролор на летање- Албанец, затоа што му дал поддршка на Синдикатот и на претседателот Александар Тасевски, но и на останатите два синдикати на М-НАВ. Нормално, го нашле нивниот предавник, о, да, уште понормално, зиграле боксови и го натепале и- секако дека се подразбира- си отишле во најблиската кафана да го прослават сопствениот, најнов успех во светската историја. Нешто што во глобални рамки на ниту еден бандит, криминалец, мафијаш, диктатор-лудак не му паднало сепак на памет.

Низ историјата се правеле државни удари, пучеви, граѓански војни, странски земји окупирале држави, се заземале многу често телевизиите, главните медиуми, но притоа и им било дозволувано да се повлекуваат војски, дипломати, граѓани, да се евакуираат во авиони за да заминат безбедно и сигурно. На нашиве драги пријатели од ДУИ  им удираат вистински ѕвездени моменти директно во мозочните вијуги. Само доколку посакале, заради забава, можеле да урнат 36 авиони, колку што во тој момент имало на македонското небо.

Порталот Сдк.мк пишува дека „за нападот се интересирале и странските амбасади, а некои од нив го покренале прашањето како овој напад би се одразил на безбедноста на воздухопловите, на авионите на НАТО“. Наивните тие, кутри амбасадори, кои доаѓаат од западни, демократски земји, во кои не владеат совршени влади, не живеат совршени народи, ништо не е беспрекорно, идеално, идилично. Тие тоа добро го знаат, затоа низ историјата барале и се уште бараат подобар живот. Но, она што ги разликува овие луѓе од нас е што тие таму живеат. Некаков пристоен, достоинствен живот, во кој не стравуваат секојдневно за сопствениот живот во буквален смисол, дали физички ќе преживеат, дали ќе издржат психички,  дали ќе се разбудат, откако избезумени стравувале дека нема да можат да  заспијат.

Она што е најважно во целата приказна- е фактот што лидерот на бандитите Беким Незири и седуммината насилници се подразбира дека никогаш за ништо нема да одговараат. Онака како што не одговараше никој ниту за тетовската болница, за несреќата во Ласкарци, за автобусот во Бугарија, за трагедиите во Онкологија, за починатите родилки низ годиниве, за стотици, стотици случаи на кои им нема крај. Затоа што такви се нашите почетоци, корените и р’тењата на оваа држава, така свенуваат полека листовите и клапнуваат цветовите, како што поминуваат децении од независноста.

Пред некој ден читав и гледав некои видеа за слободниот град Кристијанија, заедница и комуна во близина на Данска. Тоа е прилично егзотично место- на неколку места има расфрлано ѓубре, владее некакво беззаконие, со кое тешко се справуваат властите, но низ годиниве некако успеваат барем малку да прикажат привид на шармантен хаос во сето тоа безумие. Во една полициска рација, кога властите ги срушиле штандовите со хашиш, еден од најшарените штандови завршил во Народниот музеј на Данска. Егзотиката на Кристијанија, тоа стриповско лудило сепак мора некако да се наплати, но и да се покаже дека власта има суверена контрола и јурисдикција над се, па дури и над безгрижната анархија.

Кристијанија за оваа наша држава е Лувр- бесценет музеј, проклето чист и блескав како апотека. Нас господо драга треба да не затворат во кафез и да не продаваат на светот како чиста, непроценлива егзотика, како уникатно дело на самоуништување.

Драго ми е само едно во целата драматична проказна на скопскиот Аеродром- што го добивме херојот во поновата историја на оваа земја. Лидерот на Синдикатот на М-НАВ, Александар Тасевски, кој низ годиниве се бори токму за својата земја, за себе, за својата професија, за своите деца.  За сите наши деца кои заминаа и сонуваат никогаш да не се вратат повеќе. Тасевски е еден од малкуте луѓе кои ќе можат тоа да го сторат- за идните деца,  за сите нас.