Некои партии, како ВМРО-ДПМНЕ, тврдат дека граѓаните можат да поминуваат граници во некои ЕУ земји со старите пасоши, со името Република Македонија. Се разбира, министерот за надворешни Бујар Османи ги демантираше, објаснувајќи дека не добил никаков допис од ЕУ, како и тоа дека земјите не е исклучено да донесат таква одлука, но ризикот сепак постои и за тоа треба да бидат свесни граѓаните.
Со оглед на фактот што и ВМРО-ДПМНЕ и Левица со години не го признаваат Преспанскиот договор, тврдат дека ако дојдат на власт, ќе го поништат, ќе издејствуваат нов, подобар, најдобар. Многу од граѓаните последнава година веројатно токму заради тоа и не ги менуваа ниту пасошите, ниту личните документи. Веруваа дека волшебно ќе престане да важи Преспанскиот договор, штом веќе така ветувале нивните драги партии, кои со нетрпение ги очекуваат да дојдат на власт.
Најверојатно токму заради тоа, двајца пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков и Бране Петрушевски решиле да демонстрираат на дело како изгледа да се биде пратеник во Македонија- ја поминале границата со Грција со старите пасоши. Биле шокирани кога не успеале да влезат, но за да не биде докрај драматична целата ситуација, со крваво срце, одушевени од фактот што баш и не се принудени да ја делат тешката судбина со својот народ, ги понудиле дипломатските пасоши. Се разбира, биле пуштени на граница, затоа што, колку и да не им се допаѓа, Грција е малку повеќе квалификувана за избегнување на дипломатски инциденти.
Она што сега граѓаните очекуваат од ВМРО-ДПМНЕ и од Левица е да победат на парламентарните избори и да заврши еднаш засекогаш тажната приказна со одбивање вадење пасоши заради името. Она што уште повеќе се очекува од овие две партии е следново- на сите граѓани кои се уште немаат нови пасоши, да почнат да им издаваат дипломатски, по најбрза можна постапка. Овој потег би бил објаснет во меѓународната заедница како гест на емпатија и сочувство со настраданиот народ, кој со години им верува слепо и безрезервно дека не го признаваат името Северна Македонија и заради тоа одбиваат да вадат нови документи.
Единствено новиот министер за внатрешни работи Панче Тошковски седнал во фотелјата и почнал да размислува. Сфатил дека е фатен во стапица и дека е принуден да почне да го признава името Северна, доколку сака да опстане овие неколку месеци- не само тој, што е уште поважно, и неговата партија. Не само да го признава името, туку и да се бори за тоа име да биде внесено во пасошите и во сите лични документи, оставајќи ги сепак своите драги партиски другари да уживаат во пратеничките привилегии. Пред се, да преминуваат граници со дипломатските пасоши, длабоко потресени и загрижени за сите останати граѓани што очекуваат вести од нив, да им објаснат како изгледа да се патува во други земји со далеку поголеми права од нив. А кога ќе се вратат во земјава, да им делат флаери во кои ќе пишува- Добредојдовте во светот на политиката во Македонија, каде од луѓето прават будали.