Пишуваа петиции против него. Се колнеа дека е неспособен, невреден, неважен. Добро, ќе додадеа неволно, можеби има талент, но видете, господо драга- сепак се работи за обичен музикант, свирач на тезги, во ред, рокерски, но сепак се банални, безвредни тезги. Сепак е тоа евтина забава за народ, рокенролот одамна е мртов, да го закопаме со него и Бени Шаќири.
Освен тоа, крикнуваа, се сомневаме дали воопшто е образован, да бидеме чесни, се работи за човек без грам школо, сосема неискусен, без ден крвава работа, ни грам пот. Можеби единствено има на контото непроспиени ноќи, многу повеќе од сите нас, но ќе замавнеа со рака- тоа оди во рокот на службата на сите оние свирки на кои Бени беше единствената ѕвезда- од сите нас. Се потпишуваа на сето ова и трескаа печати.
За мене Бени Шаќири бил отсекогаш најголемата македонска ѕвезда. Уште повеќе го поддржував кога се разменуваа и делеа петиции. Токму многу важни луѓе ставаа потпис против него- а тој беше сам.
Сега уште повеќе се израдував кога стана директор на МКЦ, сигурна сум, дури повеќе и од него.
Но, дојде времето повторно на пресметки. На 30 луѓе не им се продолжени договорите во МКЦ, заради изборите и тие се оставени без работа. Токму заради тоа, планетариумот, бифето, детското креативно катче- се е замрзнато. Директивите ги донела Антикорупциската комисија, согласно Изборниот законик, кога во предизборниот период не може да има нови продолжувања на работни договори, кои траат понекогаш и со години во многу институции.
Заради тоа повторно Бени Шаќири сега е на мета, зарем можеше поинаку да биде. Еден мој пријател, музичар, кој работи во странство и се разбира, само таму е признаен и славен, ми кажува дека во МКЦ претходните години му било кажувано, и не само еднаш, дека немале никаков програмски интерес да соработуваат со него. Така изгледа оваа драга, прекрасна држава, убавина која одамна заморува.