Неверојатно е како изгледаат изборните листи за пратеници на партиите, она што сигурно мислат е дека граѓаните се фасцинирани од нив.
Замислиле дека со граѓаните се родиле како сијамски близнаци, прилепени и прикачени со изврзани црева, не можат да се одвојат ни да посакаат за миг. Единствено е што имаат две глави и раце кои мавтаат слободно, во разни правци, обично онаму каде што е пленот. Затоа и се двете глави- главата на политичарот мисли во исто време на подвижноста и еластичноста на раката, каде да се придвижи, што е најблиску за да се стави во џебот. Главата обработува податоци за целта- едно по едно, џебот станува преполн, па се прелева кај другиот на листата, и така функционира оваа изборна политичка машинерија.
Последниот на листата е најмалку познат и најнаивниот, можеби и најдобриот избор, барем без хипотека и наследство на афери, скандали, корупциски, криминални. Последниот на листата е оној што најмногу ги плаши оние првите. Никој не знае како влегол, кој го предложил, како се циментирал таму, кој ја направил отстапката сепак да се освежи оваа листа со старите, добро познати осомничени. Можеби станува збор за најталентираниот, којзнае, за среќа никој не дознал дека е светски ценет иноватор, неверојатно, има одлични идеи, стекнал беспрекорно образование во најдобрите американски и европски универзитети, низ годините го градел драгоценото искуство.
Се согласил да биде на изборната листа затоа што е кутар сонувач, смешен фантазер, верува во идеалите, знаете ли како е преводот на таквите? Обична празноглава будала, си викаат оние на првите места, кои ги урнисаа сопствените рејтинзи и на Партијата, и ништо од тоа не ги тревожи- тие се повторно горди носители на тие листи, како што до вчера и до ден денешен се супериорни носители на корупциските и криминални афери и скандали.
Обичната будала на последното место сонува за праведно општество, за високите идеали да ги претвори во достоинствена држава за живеење, идеите да се претворат во општество за кое вреди да се бори. Прашајте ги првите на листите зошто тој е на последното. Ќе ви кажат дека тој е претставник на граѓаните, сигурната котва, стлбот, тој е балансот, тој е она што на сите нам ни треба. Затоа и лесно ќе го шутнат, никогаш нема да добие ништо од она што е праведно и што заслужува. Честитки за мизеријата од изборните листи, господо драга.