25 минути

Ослободен новинарот Фуркан Салиу

Новинарот на „Портали X“, Фуркан Салиу, вечерва е ослободен, откако поплaднето беше уапсен за време на фудбалски натпревар во скопското село Коњаре. Салиу даде изјава пред полициската станица во Автокоманда.

„Поради вашата поддршка и поддршката на овој народ што се собра тука сум ослободен. Во некоја различна ситуација сега ќе бараа притвор за мене, морам да кажам, без ниту еден доказ.
Ме товарат дека сум нападнал полицаец, нека го докажат тоа и од утре не ме гледате веќе на екрани, не ме гледате нигде, ќе се извинам и ќе се тргнам. Нека докажат дека сум чепнал еден полицаец. Имаше таму полицајци кои снимаат, имаше камери од страна, нека докажат дека јас сум удрил полицаец“, кажа Салиу.

„Целиот настан почна кога еден млад дечко, кој седеше до нас цело време настрана и не учествуваше во тепачката, почнаа да го тепаат. Го фатија, го ставија под кола за да не се гледа и го тепаа.

Го извадив телефонот за да го документирам тоа, затоа што дечкото навистина ништо не направи. Ми го земаа телефонот, не знам дали е скршен, ме уапсија мене, сум пружал отпор, сум нападнал полицаец, нека го докажат тоа. Се дерам дека сум новинар, 90 отсто од тие полицајци ме знаат, пред два дена заедно бркавме криминалци“, вели Салиу.

Што се однесува до обвинувањата дека му е најден пиштол во колата, кажа дека без негово присуство му била проверена колата, дека е пронајден пиштол, за кој имал дозвола, но и дека бил најден законски расклопен. Салиу вели дека тоа претресот е направен со цел да ги избришат снимките на неговите камермани, кои седеле во колата.

Фото: Од видеото на Портали X