Македонија покажува назадување во владеењето на правото и борбата против корупцијата, покажува најновиот извештај на Фридом хаус. Извештајот предупредува на долготрајната корупција на високо ниво, а го забележува и судирот на партиите околу уставните амандмани потребни поради бугарското вето за пристапување на земјата во Европската Унија.
„За разлика од Украина или Молдавија, Северна Македонија не презеде значајни чекори за елиминирање на корумпираните мрежи на дејствување, а моќта продолжи да осцилира меѓу коалициите на неколку партии“ се наведува во извештајот.
Забележано е дека „националистичката партија на Груевски“ ја опструираше работата на парламентот и е фаворит за победа на претседателските и парламентарните избори годинава.
„Ниту Груевски, ниту неговите најблиски соработници не беа изведени пред лицето на правдата за нивните злоупотреби на функцијата пред 2017 година. Уште полошо, контроверзните измени на кривичниот законик во 2023 година ги намалија казните за таквите злоупотреби, предизвикувајќи отфрлање на историските случаи додека јавноста веќе се оптеретуваше од фатални корупциски скандали во здравството“, пишува во извештајот „Државите во транзиција“.