Синоќа околу 22:45 часот, непознато лице од возило во движење, пукало во куќа на тетовец. Биле испукани неколку куршуми, но нема повредени.
Како што се соопштува, полицијата веднаш излегла на местото на инцидентот на булеварот Илинденска, поради што тој неколку часа беше затворен за сообраќај додека се вршеше увид.
„На 11 април во 22:45 часот, М. Т. од Тетово пријавил во СВР Тетово дека од патничко возило ‘фолксваген поло‘ во движење било пукано од огнено оружје кон неговата куќа на улица Илинденска во Тетово. Повредени лица нема, а биле оштетена влезната врата и ѕидовите од куќата. На местото на настанот бил извршен увид. По преземените мерки, околу 1:35 часот на 12 април на патот Тетово-Попова Шапка било пронајдено возилото од кое било пукано. Исто така, по преземени мерки било констатирано дека претходно имало пријава дека околу 22:30 часот, под закана со огнено оружје, од Ф. Е. и неговиот татко Н. Е. било одземено возило марка ‘поло‘. Се преземаат мерки за расчистување на случајот, по што ќе бидат поднесени соодветни пријави“, соопшти портпаролот на СВР Тетово, Фатмир Реџепи.