25 минути

Тие се вистинските лидери

Светлана Мојсов е родена во Скопје, Македонија.  Таа е именувана во листата  „Тајм“ на 100 највлијателни луѓе во 2024. Оваа листа на „Тајм“ со децении им оддава почит на уметници, иноватори, лидери и пионери во различни области.

Професорката Мојсов, како што објавува Рокфелер Универзитетот, била именувана на листата на највлијателни личности за нејзините револуционерни откритија за хормонот што го регулира шеќерот во крвта наречен GLP-1, кој го отворил патот за лековите за дијабетес и дебелина- Ozempic, Victoza и Wegovy.

Мојсов почнала да го истражува дијабетесот во Рокфелер Универзитетот како студентка и потоа, како постдокторска соработничка во лабораторијата на нобеловецот Брус Мерифилд. Нејзините подоцнежни истражувања доведуваат до огромни научни достигнувања, нови, моќни терапии за третман на дијабетисот и дебелината.

За фактот што новите лекови сега ги користат милиони луѓе, таа изјавила: „Тоа ме прави да се чувствувам исполнето- и професионално и лично“. Мојсов пред извесно време ја добила наградата „Перл Мастер Грингард“ за 2024 година, за нејзиното истражување на хормоналните предизвикувачи за производство на инсулин.

Но, дали некој чул во Македонија за Светлана Мојсов? Можеби добила покана земјата во која е родена, можеби. Но, дали Владата побарала средба со неа, да слушне зошто е важна за целиот свет оваа научничка, да дознае зошто само во Македонија не сме слушнале дека некого го интересираат нејзините дела?

Македонските научници сигурна сум дека ја познаваат, претпоставувам и дека комуницираат со неа. Но кого па го интересираат и тие? Тие се еднакво неважни, незначајни еднакво како и Мојсов- небитни за нашите политичари.  
Да, вистинските великани- научниците, во Македонија можеби за политичарите немаат никакво значење. Но, она што треба да знаат е – дека тие се вистинските лидери за нас, за земјата.