Да, има еден добар, стар виц за ВМРО-ДПМНЕ и за СДСМ. Вицот оди вака: Снемува струја, прашањето е како менува сијалица ВМРО-ДПМНЕ? Еден се качува на скала, двајца ја држат цврсто скалата. Тројца држат прес-конференција.
Е, да, снемува струја, сега прашањето е како менува сијалица СДСМ? Не менува. Под чест им е да менуваат сијалица.
Така изгледа и резултатот од претседателските избори, прв круг. По дебаклот, кој не е на Стево Пендаровски, туку оди исклучиво на конто на СДСМ, сега велат дека ќе прават анализи, свесни биле дека сега немало време, засилено ќе ја воделе кампањата.
А време имаа. Седум долги, лагодни години, безгрижни, со неподнослива леснотија исполнети, години во кои секојдневно секогаш се одлагаше сијалицата, затоа што време имаше на претек.
Времето го врткаа и превртуваа низ рацете, им лизгаше низ прстите, си поигруваа како со тениско топче, си го подаваа и го одбиваа од себе, за да си го вратат пак, за да си ги маткаат така деновите, да не бидат празни и пусти, шупливи години беа тоа, кои безобразно си минуваа.
Од сите нас, критичарите, создаваа непријатели, или така не чувствуваа. Нервозно одговараа на сите критики- ако не, Груевски да го вратиме? А го враќаа секојдневно, дел по дел, парче по парче, целиот политички капитал го вложија во тоа наследство кое го остави Груевски.
Сега е веќе доцна за нивните стратешки анализи, пребројувања и калкулирања, грешки и будалаштини, секој секого обвинува, никој никогаш не се погледнува во огледалото, во вистината. Тие искрено веруваат дека ништо не сториле погрешно, дека патот кој тие го одбрале бил единствениот правилен- нивниот. Веруваат дека отпорот на Македонците кон Бугарите е вистинскиот одговор за резултатот на изборите, исклучиво тоа е причината, ништо повеќе, апсолутно ништо.
Би било добро еден по еден да седнат на фотелјите, да се осамат, да останат сами за миг, да ја затворат вратата, да завртат телефон по случаен избор и да прашаат само еден граѓанин од оваа земја- зошто? Еднаш да пробаа- да не ставаат превез врз очите како слепци, ниту врз ушите за да не слушаат, ако така постапеа само еден ден, се ќе беше поинаку денеска. Сите кои ги имаа ги изгубија. Најмногу најчесните, најдобрите, најжедните за правда.
Долга е раката на народот, за СДСМ најдолга. А каменот,е, каменот секогаш од блиску доаѓа.