Повеќе не е интересно да се анализира онаа несреќа од СДСМ, која од државотворна, сериозна партија самата се претвори во пепел и прав и ниту една, единствена солза не капна по нив откако тотално се парчосани. Неверојатно е во што ја претворија партијата, а уште поневеројатна е државата која ја оставија.
Допрва тие ќе анализирале, само што не почнале, час поскоро ќе седнеле. Само што има еден проблем- ги мрзи да се фатат за работа, просто не им се сработува, не им е ниво, кој сега ќе се замара да анализира, па уште да дебатира и да размислува, толку е досадна таа интелектуална гимнастика.
Секако, добро е што Ковачевски не даде оставка, треба прво да им објасни на сите околу него дека тие се најголемите виновници за дебаклот. Тој бил само две години таму, тие пролетале како час, беа тоа неочекувани кризи, тешки битки, крвави борби, наследени кадри, лоша комуникација со граѓаните, пусти соништа неостварени, крах и крај кој се запечати со крст и кандило на наследниците на Тодор Александров.
Тие ќе правеле реформи на Партијата, истите тие луѓе кои имаа години и години милион шанси да ги покажат нивните реформи во државата. Па уште насекирано се завалиле по емисиите и се чудат каква е таа пропаст што ги снашла, но што да се прави, воздивнуваат длабоко, како да се директни потомци на Аристотел и Кисинџер, луѓето ништо не разбрале од нивните демократски капацитети и процеси.
Нека продолжат и понатаму да ги исмејуваат нивните претходници, нека не ги интересира кој навистина ја создаде оваа држава, затоа што Партијата во која се зациментирале памети вистински, сериозни луѓе, во тешки времиња. Тие се наследници на Киро Глигоров конечно, да не ги споменувам понатаму сите имиња кои навистина значат нешто за историјата во оваа земја.
Државата ја предадоа со ужасна, неподнослива леснотија на наследниците на Никола Груевски, кои сега ја имаат сета можна власт со огромно мнозинство и лагодноста да не зависат премногу од коалиционите партнери. Прерано е да се говори кое ќе биде наследството кое ќе го остави Мицковски, како и претседателката Силјановска, дали навистина ќе одбиваат и понатаму уставни измени, дали ќе ја повторат агонијата со Грција, дали ќе се опкружат со старите кадри на Груевски, или некои нови луѓе само ќе ги повторуваат истите негови политики. Сами ќе изберат дали ќе заврши оваа приказна со најголемата вистина во политиката- Народ носи, народ коси.