25 минути

Ако треба, и корења ќе јадеме

Мицковски е на вистинскиот пат кога вели дека негово човеково право е да ја нарекува оваа земја Македонија и дека истото го очекува и од Силјановска. Посебно е добро за земјата, за граѓаните, што и двајцата говорат како луѓе, а не како политичари. Затоа и го отфрлаат основното право во политиката- да се почитува Уставот, како и потпишани договори, во име на граѓаните и државата.

Уште помудро е кога знаат да жонглираат со сопствената улога- некогаш се само луѓе и борци за правда, другпат- великани во политиката. Тогаш, кога ја имаат втората улога, како политичари, започнуваат со новата, посложена игра, врвно мајсторство на популизам, во кој национализмот заслепува во сиот сјај, за да биде покатарзична и бедата, која се враќа на голема врата, како опасна последица, но, по народот. Тоа е најлесната игра во која се победува на картата на емоциите, потпалувајќи ги уште повеќе вжештените глави на луѓето во оваа земја.

Тие многу добро знаат дека тука граѓаните се подготвени и корења да јадат, во име на светските неправди на кои не сакаат да им се покорат. Уште посвесни се дека луѓето немаат поим дека политичарите не јадат корења заедно со нив. Совршено им е јасно дека луѓето ја немаат вистинската претстава за себе- во каква сиромаштија навистина живеат, а се сомневаат дека воопшто знаат што значи достоинствен живот. Затоа што да знаеја, ќе беа свесни за последиците од отворање на нови фронтови, нови конфронтации, нова војна со целиот свет.

Последици? Само наивните веруваат во нив. Сетете се на корењата. Ниедни последици не се доволни за луѓе кои не ни претпоставуваат дека страдаат на секој можен начин. Само тие, не и оние кои им ги сервираат корењата.