После критиките и заканите за изолација за одбивање да се изговори уставното име, претседателката Силјановска отвори ново поглавје, досега невидено во историјата на политиката. Во соопштението од средбата со Папата повеќе не се употребува зборот Македонија, туку само- „нашата држава“, „нашата земја“. Историјата се повторува, но тешко дека за ваквите политичари може да стане тешка, но добра лекција. Затоа што, со ваквите именувања на земјава, практично се вратија славните времиња на Хавиер Солана, кој поради грчкото вето, не смееше да помисли да го изговара зборот Македонија и заради тоа најчесто велеше- „вашата земја“, „вашата прекрасна земја“.
Тоа беа времиња кога зборот, името Македонија беше ставено на светската црна листа. Требаше да помине многу време да влезе во игра, најмногу по Преспанскиот договор, кој сега ги пополнува црните листи на Силјановска и ВМРО-ДПМНЕ.
Стравот на Силјановска е разбирлив. Наивноста со која влезе во рингот со светот не е еднакво разбирлива, сепак. Иако таа никогаш во суштина и не се бавела со надворешна политика, мора да била информирана и запознаена со основите во политиката. Никогаш не започнувај битка, за која однапред знаеш дека е изгубена. Мудриот лидер се опкружува со најдобрите, најучените, најспособните. Никогаш не е доцна да се научат лекциите.
Најинтересно од се е што, за разлика од Силјановска, Мицковски не се откажува така лесно од оваа рунда на шаховска игра. Секојдневно ја растресува таблата и ги расфрла фигурите, кршејќи ги, толчејќи ги со страст, особено Кралицата. Продолжува да го употребува исклучиво името Македонија, провоцирајќи го и онака нервозниот политички свет надвор од оваа земја утепана од бога, далеку од прекрасна.
Што прави СДСМ за ова време? Ех, СДСМ, типично за последниве години. Си го трошат времето, но уште повеќе на оваа земја, затоа што се прогласија самите за неопостоечка, мртва опозиција. Досега интерес за лидерска опозиција покажуваат исклучиво досегашните функционери во Владата или во државните институции. Но, ако не се појави некое сосема ново име, неупотребено, со енергија и амбиција да направи навистина нешто добро и големо, пропаста само ќе се продлабочува и шири додека не се закова и последната шајка за крај.
Наместо да се повлечат луѓето на пратеничките листи на СДСМ, да го признаат сопственото учество во дебаклот, тие ќе продолжат да ги пополнуваат удобните фотелји. Наместо да се повлечат досегашните функционери, барем некоја година да замолчат, тие најавуваат свој тикет за лидерска кандидатура. Неверојатно е што се мора да гледа оваа наша прекрасна земја.