Погледнете ги првите денови по изборите, и веќе точно знаете како ќе изгледа во иднина „нашата држава“, што би рекла претседателката Силјановска, кога одбива да изговори Северна, но не смее да каже само Македонија.
Нека објасни некој какво значење има инсистирањето на темата за гордото име Македонија, додека веќе две недели не можат да се прават операции на Хирургија, затоа што никој не може да дознае што таму смрди.
Именување на претседател во Собранието, кој е Албанец- тема која до вчера беше болна електорат на ВМРО-ДПМНЕ, се разбира дека многу брзо ќе се заборави од разочараните националисти. Гордите гласачи на ВМРО-ДПМНЕ веќе не се ни интересираат што нивната партија молчи кога се прекршува Уставот и Африм Гаши додека се избира за спикер на Собранието најпрво ја кажува заклетвата на албански, а потоа и на македонски јазик. Мицковски на овој начин ќе биде принуден фино да ги едуцира своите членови и поддржувачи- дека светот е нешто многу подобро од омраза кон сите останати, што не се Македонци.
Разбирливо е молчењето на СДСМ за време на оваа конститутивна седница. Што имаат тие повеќе да кажат од она што веќе го видовме од нив. Прилично бескрвни и милитави, тие сосема заборавија како започна нивната власт- со нивните крвави глави на 27 април, попознат како Крвавиот четврток. Можеа барем да ги потсетат нивните колеги од ВМРО-ДПМНЕ- како навистина се брани слободата и демократијата. Но, не. Тие се сега гневни и лути на целиот свет, особено навредени од нивните гласачи кои им го свртеа грбот и во тоа име тие одбраа да молчат.
Нивната секојдневица се претвори во бескрајна византиска забава, а најдобриот сочен специјалитет што го имаат во моменталната понуда е забивање на ножеви на јавна сцена. Не плачи, душо, допрва ќе видиш што те чека- тоа е тренингот кој секој со малку поголеми амбиции мора да го помине. Веројатно мислат дека на тој начин се прават реформи, за кои се колнат дека се способни, ако бидат избрани за лидер на СДСМ. Одличен е овој нивен пат кој го избрале, но доколку е изборот да биде- најбрзиот до пропаста.