Што е татковина? Мицкоски побара од Африм Гашида се извини за изјавата дека Косово било неговата татковина. Им должел извинување на граѓаните, затоа што земал плата од македонските даночни обврзници. Гаши подоцна објасни дека бил погрешно разбран и пренесен во некое интервју и појасни: „Мојата татковина е Северна Македонија, а Косово е родно место или татковина на моите родители“.
Но, проблемот со дефиницијата на татковината е еднаков со оној со етничкиот идентитет. Бидете родени каде сакате, плаќајте им на кои сакате даночни обврзници, но изборот и чувството за припадност на некоја заедница и земја е исклучиво ваше. Татковината може да биде земјата во која сте се родиле, но и она земја со која најмногу се чувствувате поврзан. Може да ве принудуваат да се определувате кому припаѓате, да ви бираат патокази, да ви го испитуваат ДНК ткивото, можат да прават што посакаат и колку сакаат да ве сецкаат, мешаат, вкрстуваат. Но, ништо од тоа не успева. Ниту кај Македонците, ниту кај Албанците, кај никого.
Можат да ве запишуваат како сакаат, да ве принудуваат да пеете туѓи, други песни, да се колнете дека се ваши, да потпишувате кому припаѓате, да се откажувате од самиот себе. Но, ништо од тоа никогаш не може да опстои. Не можат да ви ги заробат клетките, не може да ве променат, колку и да замислуваат дека сте нивна своина, на крајот не можат да ви го одземат и променат идентитетот, кој за жал во оваа земја се сфаќа исклучиво како етнички.
Пред некоја година, кога повторно се врати бугарското прашање, беше важно, како и секогаш кога е значајно, да се објасни- што навистина сме ние, освен што сме родени во Македонија. Ова е дел од таа колумна: „Да се биде Бугарин“.
„Не сакам да бидам, не сакам да станам дел од „Убиствените идентитети“ на Амин Малуф, затоа што ако сакате да се определам, ќе мора да ми „ампутирате еден дел од самата себе“. Затоа што идентитетот не може да биде само еден, целината настанува кога сте сè, кога сте збир на милион мали идентитети кои за вас се огромни, кога сте создаден и изграден од многу ситни делови, кои само така потоа стануваат крупни и важни.
Доколку бараат од вас да се одредите со сила, тоа дивјаштво ве боли, како да ве касапат парче по парче, одземајќи ви сè- а најмногу гордоста, достоинството, слободата. Кога ве сецкаат и ве расфрлаат на парчиња, за да признаете дека мора да станете она што не сте, што никогаш не сте биле, ниту посакувале да бидете, кога инсистираат да им ветите дека ќе се претворите затоа што тие ви наредуваат, тогаш светот мора да замре.
Тогаш европските татковци мора да застанат и да се замрзнат, кога ќе слушнат што тоа сакаат од вас. Така функционира светот, само така и никако поинаку. Доколку ги разделите и растргнете сите парчиња на идентитетот, кој е разнолик, шаренолик, богат и раскошен, ќе добиете ранети луѓе, болни луѓе, кои дотогаш биле склупчени, газени и отфрлани, но ќе станат огорчени, револтирани, навредени, поболени од таа омраза и беда која ги малтретира и силува.
Ќе се кренат, секако дека тоа ќе биде мирољубиво, но ќе ви кажат- заборавете, оставете нè на мира, ви велиме – не, и тоа е засекогаш само не“.
Затоа, од Африм Гаши очекуваме чесно и одговорно да ја обавува својата функција- претседател на Парламентот. Во меѓувреме, се разбира дека има право и слобода да може да ја бира својата татковина, својата мајковина, својот идентитет- таму каде што му е срцето. Може да биде сè што сака, како и ние, како и секој од нас. Тогаш кога ова ќе го разбереме, ќе станеме слободни и среќни луѓе.