Во една реченица- од Мицкоски очекуваме да го исчисти целото ѓубре во државава. Првиот ден да започне од улиците, да разбере дека мора да течат млазови вода секој ден, затоа што само така ќе исчезне смрдеата низ градов, кој се претставува како главен, каква иронија, каква смејурија. Да не се претставува како ненадлежен за сето ѓубре околу нас.
Да продолжи чистењето понатаму, за да престане да нè гуши смрдеата од корупција, незнаење, незаинтересираност- низ здравството, образованието, судството, урбаната и секаква мафија која нè убедува дека треба да ни биде чест што ни скока низ главите со децении, што мисли дека нè анестезирала и лоботомирала.
Да заврши ерата на корупција и неказнивост за партиските тендери и јавните набавки. Да се стави крај на неказнивоста, на проклетството на неправдите, невладеењето на правото. Да го исчисти во целост обвинителството, судството, да тресне со чеканот на правдата. Да се направат истраги на сите непријавени имоти, да се дознае нивното потекло, да се следи трагот на парите, на испраните, валкани пари. Многу ли бараме?
Да го исчисти клиентелизмот низ институциите, да ги запали партиските книшки, да ги прогласи за ненадлежни, зарем навистина премногу очекуваме?
Да им служи на сите оние кои бараат правда, помош, достоинствен живот, да се стави во служба на најранливите, на обесправените, понижените, сиромашните, на сите оние кои ги направила несреќна оваа држава и морале да заминат со желба никогаш повеќе да не се вратат тука.
Сето ова е дефиниција за патриотизам. Гладните, празни стомаци веруваат дека патриотизам е бришење на името Северна, затоа што сега само тоа го имаат на менито. Од Мицкоски очекуваме да не им се фрлаат на овие стомаци кои кркорат и понатаму патриотски коски за глодање, зашто им застанаа во грлото и ги задушија патриотските чисти, невини души.