Се разбира, ќе поддржиме сѐ што мора околу Мицкоски, околу неговата Влада, а особено сѐ што не мора, најмногу она што не би смеело воопшто. Тоа и се очекува од нас, клиентите на сите Влади, без исклучок на сите власти, да продолжиме онаму каде што сме застанале. Ние сме такви, од материјал на гниди скроени, генетски предодредени да бидеме мизерни полтрони, лежерни конформисти, прагматични подлизурковци на властите кои доаѓаат. Оние што заминале а до вчера ги величевме, сега се нашиот архи непријател, точката која сме ја зациментирале им ја плукаме во лицето, нека запамтат кои сме ние навистина.
Каков живот би бил тој, ако попуштиме, ако се оттргнеме од железните прегратки на власта, ако не замолчиме и протестираме, што би станало од нашето ситно животче ако не се грижиме исклучиво за безгрижните денови, полетните години, радосните децении полни со спокој и мир. Она што мора да се прави е да се биде ситен црв, мекотелно суштество, спремно да го газат, да го гмечат, да го сецкаат на најмали парчиња, да го расфрлаат онаму каде што им е најдобро за да преживеат. Но, само така и ние ќе имаме шанси да преживееме.
Ништо да не нѐ засега, да не се бориме, да не паѓаме и да се креваме, што ќе стане од нас ако сме бунтовни, борбени, храбри луѓе кои го менуваат светот. Најлесно е да се биде срамна кукавица, да се капитулира пред сопственото достоинство и интегритет, образот да се врти секојдневно на сите страни, да се кријат модриците, да се биде една голема, бесконечна нула.
Затоа, нема да говориме ниту сега, ниту некогаш во иднина- зошто изборот на Мицкоски е сепак- да го употребува името Северна Македонија. Тој вели дека тоа ќе го прави писмено и исклучиво во странство, дека не смее да ги крши Уставот и законите, како што ни граѓаните не смеат да ги прекршуваат. Но, во оваа прекрасна земја, тој ќе продолжи да го употребува само името Македонија, затоа што тоа е негово уставно право- слободата на изразување. Во земјата во која е на функција Уставот, во Македонија, тој може да го прекршува истиот тој Устав. За тоа е најдобро да се молчи, за да се зацврстат позициите на кои сме сега- во нескриена и еуфорична поддршка на оваа прекрасна власт.
Еднакво, обврзувачки е да се залепи селотејп врз устата и за изборот на новата Влада. Министри со амнестија, кривични пријави, истраги, злоупотреби. Што е сега тоа важно. Пријатели, сѐ е полесно ако се правите мртви кога станува збор за вашата слобода, за демократијата, конечно и за оваа земја. Нека се борат сите останати, нам ни е животот прекрасен во живата кал во која сме се согласиле со воодушевување. Еден живот имаме, црвјосан, но, со наведнатата глава, што да се прави, таков сме избрале.