Неверојатната способност на новата Влада е најдоброто што ни се случило досега. Покажете ми барем еден, единствен пример од која било демократска земја во светот, која може да се пофали дека доаѓа од Самитот на НАТО во Вашингтон со кредит од 500 милиони евра. Само нашиот премиер, големиот водач Мицкоски доаѓа победоносно оттаму, натоварен како никој досега, со полни куфери пари и уште поголеми амбиции да не задолжи сите нас и идните генерации, за наше добро, за иднината да ни биде лесна, мазна, победоносна.
Не ги слушајте злите усти, клетите предавници кога велат- не им верувајте на Данајците дури и кога носат дарови. Тоа му е благодарам на најголемиот патриот меѓу нас, премиерот Мицкоски, кој на јавна сцена се понижува меѓу светските лидери и бара очајнички излез, имајќи ја само тажната слика на нашите отворени усти и празни стомаци кои кркорат. Тој не прашува од кого да се позајмат парите, тој избезумено може да се види низ сликите од Самитот како бара познато, пријателско лице, додека за миг не го здогледа него.
Единствениот спас во тоа крваво море кое го обоиле светските демократски ајкули. Најголемиот, вистински пријател и најблизок соработник меѓу крволочните демократски лидери, кои го презираат и прават се да бидат подалеку од него, му се закануваат со години, му ги одземаат европските пари, го критикуваат и бараат да биде исфрлен од ЕУ. Орбан. Човекот кој е единствено и ексклузивно близок со Путин, додека европските лидери се шокираат и оградуваат од него, со огромни амбиции да стане европски Ким Ил Џонг, со уште поголеми шанси неговата земја да ја достигне Северна Кореја.
Да бидеме начисто- Орбан не инвестира во Македонија. Не помага во наоѓање на бизнисмени кои би инвестирале, би отвориле фабрики, работни места, барем би ја кренале од мртвите непостоечката економија. Орбан тоа мрднува со маиот прст не затоа што го мрази Мицкоски или нас, довчерашните северџани (денес веќе не сме, затоа што и Мицкоски почна да изговара Северна, иако до вчера се колнеше во сосема друга песна, патриотска велеше, но подоцна добро пресмета дека изолацијата ги симнува лидерите многу побрзо одошто се качиле на тронот ).
Но, да се вратиме на Орбан и причините зошто не понудил инвестиции или барем помош во некаква сериозна потрага. Причината е многу едноставна, банална. Затоа што Орбан многу добро ја познава политичката култура во оваа земја, конечно тој одлично знае дека во оваа земја царува клиентелизмот, мрзеливоста, неспособноста, немањето амбиции, незаинтересираноста за каква и да е посериозна работа, која е надвор од администрацијата. Моторот на нашата економија се една до две големи фабрики, се друго се сведува на ситни дуќанчиња, весели кафеанчиња и килави пиљарчиња.
Во такви околности, братството на Орбан со Мицкоски можело да опстане само под вакви услови, да бидеме чесни и да признаеме. Мицкоски во случајов немал избор, вистината е таа- демократските лидери во светот не даваат на секого пари, особено не на оние кои не ги заслужуваат. Што да се прави, останал само Орбан, Големиот брат во сопствената земја, деспотот на демократијата, кој сонува да му е барем до колена на најголемиот од сите нив, диктаторите од целиот свет- Путин. Добрата вест е што на овој начин се приближивме барем малку на Вучиќ, вториот брат на Орбан, трет на кинескиот лидер Ши Џинпинг, четврт на Путин. Така изгледа сега ова наше мало, одбрано друштво, оваа наша голема победа.