На сите им е јасно зошто членовите на Антикорупциската комисија побарале дипломатски пасоши. Не ги добиле се уште, освен претседателката, Татјана Димитровска. Барале и коли, но и тие ги чекаат.
Но, фокусот сега треба да се насочи во друго- дека клучот е во целта, во мотивите да се добијат тие пасоши и коли. Нема сомнеж, единствениот чесен и исправен одговор е- за да ја направат Македонија повторно горда.
Токму затоа, залудни се сите истражувања, коментари и критики.
Колегите од 360 степени го прашале министерот за надворешни, Тимчо Мицунски, дали им следува на антикорупционериве- дипломатски пасош. Неговиот одговор бил- не. Штета, каква неописива штета. Затоа што, ова е погрешен одговор, како и прашање на новинарите, кое води кон наивни, неискусни патишта, кои ја дефокусираат и залажуваат јавноста- дека светот го водат идеали, високи цели и светли мисли.
Затоа што, не е прашањето дали им е потребен, туку зарем не им е неопходен дипломатски пасош? Зарем овие луѓе смее да се еднакви со сите останатите граѓани? Зарем може да се борите со корупција со обичен пасош? Зарем е морално исправно да чекате редици низ светските аеродроми? Зарем не е единствено правилно решение да лежите низ канапеата низ ВИП салоните, грицкајќи апетисани, заливајќи ги со тешко стекнатото виски, како што им прилега на едни борци против корупција. Доколку навистина сакате да ја направите Македонија горда, тоа е вистинскиот правец.
Но, она што е уште поголем доказ и аргумент за непрежалениот македонски сон за гордоста е што претседателката на Антикорупциската комисија, Димитровска, во интервјуто што ми го даде оваа недела на ТВ 24, на прашањето- дали побарале коли, е што одлучно ми одговори- не е точно, не побарале.
Но, за жал, новинарот Александар Димитриевски од 360 степени, добил поинакви одговори од некои институции. Епилогот е овој- напротив- “Владата и Агенцијата за управување со одземен имот имале и имаат барања за службени возила од Антикорупциската комисија”.
Претходната претседателка, Билјана Ивановска немаше дипломатски пасош, ниту пак нејзиниот тим. Имаа само една службена кола, а секојдневно ги гледаше целата јавност како се клацкаат со точаци, пешки, со автобуси, оние кои живеат надвор од Скопје. Тоа не е вистинскиот пат кон гордоста, ќе се сложите. Одговорноста е на страната на граѓаните- да им биде чест и обврска да работат многу, уште повеќе, за да ги направат антикорупционерите, но и сите функционери уште попривилегирани.
Да ја направиме Македонија уште поголема и погорда.