25 минути

Мили комшии, помагајте

Исклучително се безобразни критиките кон лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски- зошто патувал во бизнис-класа во Вашингтон, на Самитот на НАТО. Вкупната сума за авионските карти е само 20.000 евра,  ако се пресметаат трошоците и на другите министри, кои патувале со него.

По хорските напади, исклучиво од опозициските медиуми, кои се познати и како блуткави остатоци од соросоидните северџани, Мицкоски мораше да го возврати ударот, кој ги нокаутираше сите овие новинарски изроди. Досега невидена понизност кон народните пари е оваа транспарентност и отчетност на нашиот посветен премиер- со видлива огорченост овој човек се правдаше дека го болат колената и практично бил принуден на ваквиот луксуз.

Со ова, Мицкоски ја потврди мизеријата на ваквото практикување на новинарството- тоа е се што повеќе не и треба на оваа земја и тоа нашиот нов премиер се надеваме дека ќе го поништи како никогаш да не било. Никогаш повеќе не смее да се дозволи да се копа длабински во туѓите животи, да се проверуваат нивните лични сметки, заработени со ужасни стресови и непроспиени ноќи, да се следат функционерите деноноќно. Сето ова може да предизвика сериозни психосоматски заболувања кај нив, но тогаш може да биде и предоцна.

Затоа, навреме мора да се пристапи кон методите на истребување на новинарските гниди, по примерот на врвни политички дезинфектолози, како што е блескавиот пример на драгиот прв комшија Вучиќ, или уште потемелниот во егзекуција, пресветиот Орбан.

Затоа што, ако сме чесни, нашиот почитуван премиер воопшто и не мораше да објаснува зошто и како троши пари, затоа што. како премиер, може да прави што сака и со парите и со нас, доколку е тоа исклучиво на државата, но најмногу на народот, кој е круната на демократијата за ваквите великани- политичари.  

Конечно, сега како премиер на Мицкоски и не му прилега да се клацка заедно со останатите колеги, нивните Екселенции, министрите- во економска класа. Тие пак, за разлика од Мицкоски, не понудија никакво објаснување за колената, но да се остане чесен до крај и да се признае- нема зошто да се оправдуваат сите овие врвни функционери, кои се жртвуваат на далечни патишта за неблагодарниците новинарски.

Некои од луѓето од власта, мислам само на оние низ децениите, некои од политичарите, го започнале животот од трагичен минус, кој сонувал да се врвне во височините на најголемата нула. Денеска нивните банкарски конта се длабоко скриени низ светските банки, имотите кои се на располагање на увид на јавноста се мизерен процент од она што навистина се поседува. Мислам на поранешни функционери секако, не ми паѓа на памет да кажам дека станува збор за сегашни, свесна за новинарските егзекуции кои претстојат. Сето ова е заслужено добиено, затоа и Венко Филипче како нов лидер на СДСМ излезе со генијална идеја за нов Кривичен законик, понизно признавајќи дека е направена огромна грешка.  За среќа на Филипче, но и нас, криминалните, корупциските дела, истрагите, судските процеси, се  е застарено за функционерите од оваа власт и нивната партија. Тие добија се што им припаѓаше, откако онаа стара нула за која сонуваа, се претвори во многу цифри кои не се ни пребројуваат. А граѓаните, народот во кој се колнат кога се крстат- како и секогаш, ја доби честа да им служи додека е жив.