Секој Илинден стравуваме што ќе се случи со политичарите. Колку ќе бидат исмевани, исвиркувани, непожелни, отфрлани. Медиумите зависно од финансиската поддршка, многу ретко и од идеолошки причини, известуваат или премолчуваат што навистина се случува, колку се омразени или обожавани тие високи претставници на власта.
Политичарите во оваа држава се посебна сорта, одамна изумрени примероци во нормалните, демократски земји. Слушнете ги само нивните говори кои татнат низ годините. Ќе помислите дека сме- не на раб на војна, туку на децениско крвопролевање, за кое е виновна исклучиво другата страна, оние кои им се архи- непријатели. Нивната главна порака на Илинден секогаш е за обединување, за патриотизам, за спокој и мир. Додека не дојде на ред крвниот непријател, кој е заспан во опозиција.
Потоа разгледајте ги социјалните мрежи, како во сета немоќ, сеење беда и јад секојдневно, само на празници разбираат дека единствениот пат сепак е повикот на славење, на љубов и разбирање, на обединување, заедништво, прошка.
Се додека не дојде следниот ден и не се отворат картите за предавства, гилотина, бетонски плочи и уништување. Кое претставува само континуитет, природен процес после самоуништувањето. Идентитетот само така се храни за да опстане- мора да клука, да цица, поткожно да набабрува секоја пора на бес, омраза, проклетство. Од тројца комити, двајца се предавници, а третиот е двоен шпиун. Македонското ткиво вековно се храни и гради со тие поделби- на предавници и патриоти, на љубов и омраза, на пропаст и светлост.
Затоа, само од нас зависи во каква држава секое утро ќе се будиме и дали со спокој ќе ги затвораме очите, а не од нашите големи, а така мали политички фигури, толку проѕирни и порозни, што се кршат и на најмалиот допир.