Најдобриот дел во оваа земја секогаш е поврзан со политиката, во сите можни форми и варијанти, со заеднички именител- бесконечни, бескрајни злоупотреби. Оттука, и пред да посакате да станете политичар, однапред знаете само едно- можете да правите што сакате, колку ви е драго, како и да ви е мило, без да сносите никакви последици, никогаш и никаде.
Драгиот спикер на Парламентот Африм Гаши токму и тоа го имал на ум, кога седел еден ден и се клацкал на лидерската фотелја, додека се распределувале функции разни, од бога паднати и по стари соништа распределени за новата власт.
Сега се спремаат големи, фамилијарни свадби во моето Косово, помислил тој, време е да се запука од најсилниот топ- да се оди во царски манир, да се развлечкаме сите од дома, како црева низ патиштата. Да ги наполниме службените коли со сите можни членови на семејството, додека не пукнат од товар, да не помислиме да плаќаме бензин од сопствениот џеб, сепак се тоа пари кои некако сме ги заработиле, ниту имаме намера да ги извадиме пасошите на некаква елементарна проверка, ниту помислувајте да ни ги отворат колите, ниту пак багажниците. Ќе пролетаме со целата поворка со најсилниот гас докрај удрен на папучата, нешто слично како кога Петар II Караѓорѓевиќ емигрира. Да бегаме од земјава, како да не гонат триста ѓаоли, за да покажеме што значи да се има власт во оваа мала, смешна земја, која служи исклучиво само за тоа. Да се изживуваме, ние, неизживеаните.
На услуга да ни бидат непостоечките институции, којзнае како потскрпените пари на граѓаните, на колена да паднат границите, да ни се расчистат патиштата, да ни се отвори небото и да се срамни земјата- само за нас, само во служба на политичарите.
Така и би. Земјата во земја пропадна, границите се срушија, небото заплака, парите се истурија, патиштата се предадоа.
Истите правила да важат и за нашите високи, но и најниски, ако ни се посака- гости од Косово, пресветлата претседателка, Вјоса Османи, која низ ветрот пролетуваше додека ги прескокнуваше границите.
Тоа се условите ако посакате да станете политичар во оваа земја. Нешто слично како и оние нови министри кои велат дека немаат намера да продолжат со функцијата, ако им се намалат платите, зголемени од претходната власт 78%. Власт и чест- само во римите и поезијата се гушнати, како да се едно. За нив пишуваше и Блаже Конески, во времиња во кои и тој не се колнеше дека се најдобрите. Затоа што не знаел што се ќе дочекаме и ќе испратиме како никогаш да не било.