Се работи за голема чест- во октомври свечено се отвора глувата соба во Собранието, градена по НАТО и ЕУ стандарди, со цел да функционира по примерот на демократските земји. Се работи за специјално проектирана соба, која ќе служи за параламентарен надзор на безбедносните служби во земјава.
Идејата е да не може да излезат никакви информации оттаму, токму заради тоа се работи за строго контролиран пристап на политичките елити во заштитениот работен простор, кој налага безбедносни оперативни процедури за користење на глувата соба. Пресмешно.
Кутрите НАТО и ЕУ, се претворија во аматери во политичките и безбедносни проценки за земјава. Зарем досега не дознаа за каква земја точно се работи, со какви политички великани се справуваме деценииве наназад? Не слушнале досега за врвните достигнувања на капиталните разузнавачи? Не прочитале никаде како завршуваат, но не за предолго, славните кариери на овие безбедносни и политички титани?
Ги преспале ли бегствата на поранешниот премиер Никола Груевски, екс разузнавачот и началник на петтата управа Горан Грујевски, неговиот колега Никола Бошкоски? Знаат ли НАТО и ЕУ уште колку бегства се запишани, потпишани, за да бидат засекогаш избришани и заборавени? Како да им се објасни за конечно да разберат дека земјава одамна е претворена во огромна лего коцка, која секојдневно се монтира и руши и гради, се разградува и се растура за да се започне од почеток. Во меѓувреме, се крадат на големо коцките, се подметнуваат фалични, искршени и расклатени, на климави нозе поставени.
Се свикуваат прес- конференции, се играат чочеци насред тунели, се фрлаат три грама земји и се попрскуваат со света вода лопатите. Поповите пејат во хор највесели песни прилагодени во Библијата за ваквите како нас, утепани од Бога. Затоа во првата строфа се нанижува татнење на срцето од возбуда, втората веќе добива жалосен ритам кој претчувствува дебакл, за на крај, како во драмите на Чехов, да пукне пушката и да се струполиме. Ќе преживеат само оние кои го организирале чочекот и го напуштиле навреме, додека сите се фрлаат во транс од песните кои не завршуваат никогаш како во нормалните земји.
Тие разиграните и раскопчаните од среќа што ги примиле во чочекот, не ги ни приметуваат организаторите како исчезнале со државното богатство, преку раштрафените граници, со книшката поезија која ја рецитирале со рака на срцето, за да им поверуваме дека навистина имаат чесни и благородни намери.
Глува соба за потребите на глувите кучиња. Тоа имаме да понудиме на светот со полно срце и пола мозок.