Е, што направивте навистина? Со доза на ликување, Мицкоски констатира треснување на вратата на ЕУ и напредок на Албанија. Еј, една Албанија не претрка, ќе ви кажат големиве патриоти, кои немаат појма навистина со која брзина се движи истата таа Албанија, колку и да има корумпирани елити низ деценииве.
За жал, низ истите тие децении сведочев како албанските високи политичари одговараа на новинарски прашања во Брисел на совршен англиски јазик, вртејќи се кон други новинари кои ги поставуваа исклучиво на француски, и им одговараа на тој јазик. Еднакво, и моите албански колеги владееја со најмалку два јазика и со леснотија ги премостуваа сите врати кои за време на железната завеса и изолацијата ги спречуваа да покажат супериорност.
Развојот на Албанија и сега и на Косово вреди да биде предмет на исмејување само во главите на национализмот кој ја негува омразата кон Албанците во оваа земја. ВМРО- ДПМНЕ нема предолго да ужива во сегашната лагодна позиција кај граѓаните во Македонија, колку и да се нивни клиенти, колку и да се лобомотомирани во покорноста и сервилноста, колку и да се задоволни со лепче и солца, се додека гордо велат- не, на “старата курва Европа”.
Време ќе помине, време за плачење ќе дојде. Време на освестување се разбира, но не околу погазувањето на демократските вредности преку братството со Орбан и Русија.
Оваа недела се испорача она што се очекуваше низ годиниве, тогаш кога СДСМ оплескуваше на сите можни теми и незаинтересирано не фрлаше во котелот на опасно блуткавата манџа која сега ја сервира ВМРО- ДПМНЕ. Мицкоски потонува во смирувачка прегратка на Орбан, Максим Димитриевски во онаа на рускиот претседател, најавувајќи изучување руски јазик во училиштата.
Јазичните стилисти се згрозуваат секогаш кога употребувате исти зборови, какви и да се во иста реченица, во случајов руски, повторно тие заводливи руски, секогаш прекрасно руски, мајчините тие, руски. Нема ли подобар политички курс од Орбан, Путин и Вучиќ, таму каде што тргнал Мицкоски, од каде враќање нема.
Единствената потенцијално добра последица од ваквото опасно јавање на славењето на диктатурите, колку и да се меки или тврди е- дали ќе се отворат очите на ЕУ и на САД? Погледнете за момент како изгледаше ова кратко време додека Мицкоски и Силјановска се на власт. Најпрво одбиваа да изговорат С, не па да се опуштат со останатите букви од Северна.
Подоцна некој месец, се претркуваат кој повеќе ќе каже Северна, но толку гласно и нападно, што дури станува и непријатно. Толку за конзистентноста на нивното разбирање како навистина треба да изгледа политиката.
Оттаму, епилогот сите го знаеме- љубовта кон руските клешти и орвеловите орбановски пари нема да завршат добро по нив. А дотогаш, е, додека дојде тоа време- невреме, ние ќе тонеме, што е наша стара специјалност, трагедија во безброј чинови. За тоа време, СДСМ ќе гледа отстрана и ќе млати празна слама во бескрај, наместо да ги ангажира сега најдобрите кадри, кои нема да потсетуваат на најлошите нивни и наши денови. ВЛЕН ќе молчи преплашено, вртејќи се постојано назад, да не случајно ги следи некој со пишани закани дека коалицијата ќе им пропадне оној момент кога ќе протестираат каде завршивме. ДУИ ќе продолжи да ги гласа законите за да му обезбеди мнозинство на ВМРО- ДПМНЕ и со тоа да заработи на жалното конто барем малку можност за милост од нивниот непријател Мицкоски.
Не, нема ништо од ова да трае вечно, но кој повеќе има нерви за да продолжи вака да живее додека не попука се околу нас. Молчењето е злото, пријатели, освестете се.